Македонија
15. May 2017 - 15:51

„За заедничка Македонија“ со иницијатива за оценување на уставноста на изборот на Џафери

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“  најави дека утре во Уставниот суд ќе поднесе иницијатива за оценување на уставноста на изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија. При обидот за избор на претседател на Собранието, истакнуваат од иницијативата, е извршен акт во целост спротивен со Уставот и законските нормативи.

- Веруваме дека Уставниот суд чесно и професионално ќе ја заврши својата работа и нема да дозволи преку вакво насилничко и флагрантно не кршење, туку дробење на Уставот на РМ да се спроведува тивка окупација врз нашата држава, рушејќи ги темелите на независноста на Република Македонија, рече на прес-конференција  Богдан Илиевски од „За заедничка Македонија“ од каде 78 дена организираат протестни активности со кои бараат отфрлање на т.н „тиранска платформа“.

Илиевски истакна дека се свесни за должноста на претседателот Ѓорге Иванов од кого бараат да инсистира од мандатарот на владата на најцврста формулација со која ќе се гарантира независноста и унитарноста на Македонија.

Секое отстапување од бараните гаранции, наведе Илиевски, ќе повлече кривична одговорност. 

- Знаеме добро дека мандатарот на тиранската коалиција е човек кому не може да му се верува и воедно затоа е првиот во историјата од кој се бараат вакви пишани гаранции со чие прекршување ќе сноси директна кривична одговорност.  Претседателот мора да бара гаранции, но граѓаните не може да си дозволат таков луксуз од искуството со споменатиот мандатар за тиранската коалиција. Затоа ќе продолжиме будно да го следиме развојот на ситуацијата и нема да се потпираме на зборот на човек кој стотици пати докажал дека за него дадениот збор не значи ништо, рече Илиевски. 

Активностите на „За заедничка Македонија“, како што појасни, ги менува и засилува формите на отпор не само преку протести, туку и преку други механизми кои ќе започнат да ги употребуваат.

- Денес ги соопштивме правните форми, а за сите останати ќе известуваме тековно. Битката продолжува, исто како и протестните маршеви во првиот момент во кој ќе оцениме дека е потребно да се случат, наведе Илиевски, истакнувајќи дека можеби протестните маршеви ќе ги редуцираат и оти енергијата ќе ја канализираат во правната битка.