За власта не постои т.н. нон-пејпер, официјален предлог е оној на претседателството со ЕУ
Од Софија не е пристигнат никаков документ, бидејќи со месеци наназад не се водат никакви преговори за надминување на прашањето со Бугарија, соопшти вчера Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски во врска со т.н. нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, што вчера циркулираше во одредени медиуми. За Владата на Македонија, пак, официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија.
Во исто време, новиот претставник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан Габриел Ескобар, кој доаѓа на местото на досегашниот Метју Палмер, изјави дека прашањето меѓу Македонија и Бугарија мора веднаш да се реши и да и се дозволи на Македонија да го продолжи патот по кој макотрпно работеше за резултати, како и дека ова прашање да не го попречува процесот на проширување.
Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, ставот на претседателот во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина.
Владата, пак, во одговор на прашањето на МИА, дали во оптек е нов нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, соопштија дека за Владата на Македонија официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија и оттаму сметаат дека тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни.
Таканаречениот нон-пејпер вчера го објави телевизија „Клан“ без да наведе конкретен извор, а за кој наводно се запознати и Скопје и Софија, но и поважните земји-членки на Унијата.

Се додава и дека овој дуален систем ќе се применел и во образовниот систем, со дуално објаснување на контекстот на историските настани, вклучувајќи ги и македонскиот и бугарскиот наратив.
– Прашањето на јазикот и употребата на краткото име за Македонија, треба да биде решено според предложеното од претседавачките предлози (германски, португалски, словенечки), кои веќе беа неофицијално земени предвид како прифатливи за двете страни, се наведува во нон-пејперот.
Официјалниот став на Владата е дека релеватен за решавање на спорот е португалскиот предлог и оти тој содржи решенија кои се прифатливи за двете страни.
Специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во меѓувреме изјави дека изјави дека блокадата на Македонија поради спорот со Бугарија лошо влијае врз соседните земји, посебно Србија и Косово, јави дописничката на МИА од Брисел.
Лајчак денеска заедно со претставникот на Стејт департментот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, одговорија на неколку прашања во рамки на конференцијата организирана од страна на Европскиот центар за политика.
На прашањето на МИА како гледа на блокадата на Македонија за почеток на пристапните преговори, Лајчак призна дека ситуацијата има негативни последици врз дијалогот помеѓу Белград и Приштина и повика на брзо решавање на спорот.
– Се разбира дека ова има последици врз дијалогот и тие последици се негативни, фактот што Македонија не отвори преговори со ЕУ негативно го погоди кредибилитетот на ЕУ во регионот, јас со ова лично се соочив за време на моите посети и патувања, и нема да се подобри сѐ додека Македонија и Албанија не започнат со преговорите, изјави специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан.
Тој додаде дека Европската Унија мора да го исполни ветеното кон оние земји партнери кои своите ветувања ги исполнија, како што е случајот со Македонија.
Лајчак се осврна на политичката криза во Бугарија каде изборите никако не резултираат со јасни резултати.
– Изборите не произведоа власт со јасен и силен мандат, и сега треба да чекаме влада со мандат и да го решиме ова прашање без одлагање, изјави Лајчак.
Специјалниот претставник не одговори на прашањето за последниот „нон-пејпер“ што излезе во јавноста во Македонија со нови предлози за решение помеѓу Скопје и Софија.
Некои дипломати во Брисел за МИА коментираат дека станува збор за еден вид притисок и обид да се актуелизира прашањето.
Претставникот на САД на денешната дискусија во Брисел, Габриел Ескобар, уште еднаш ги повика земјите членки на ЕУ да изнајдат решение за Македонија да ги започне преговорите со ЕУ.
– Што се однесува до Македонија и Бугарија ова мора веднаш да се реши и да и се дозволи на Македонија да го продолжи патот по кој макотрпно работеше за резултати, се согласувам дека ова билатерално прашање не смее да го попречи процесот на проширување и се надевам дека ЕУ ќе изнајде механизам за да се реши, рече Ескобар.
Тој упати и порака до земјите членки на Европската Унија дека Вашингтон очекува поголема поддршка од некои земји членки на ЕУ за проширувањето, но одби да ги именува и нагласи дека Унијата треба да биде свесна оти Западниот Балкан е регионот со најбрз економски раст во Европа, поради што и е и потребен на ЕУ.
Ескобар исто така одби да го коментира наводниот „нон пејпер“.
Европратеничката Виола Фон Крамон од своја страна истакна дека спорот помеѓу Бугарија и Македонија не смее да се одолговлекува.
– Требаше десет години да се реши спорот помеѓу Грција и Македонија, немаме толку време, барам да се изнајде решение, има формати како Жан Моне дијалогот, треба да се напредува што побргу, да се оди во земјите и да се изнајдат предлози дури и пред изборите, рече пратеничката.
Во Брисел постои страв дека поради изборите во Бугарија закажани за ноември, Македонија повторно ќе биде блокирана на декемврискиот Совет, под словенечко претседателство.
– Нова блокада би имала сериозни последици како за земјата така и за регионот, сложни се во институциите на ЕУ.
Ново на Сител
-
Македонското студио „Денсерс јунајтед“ освои вкупно 19 медали во Полска
-
Со закани одзеле пари од малолетници, приведени три лица во Скопје
-
Кинеско МНР: Кина нема да посветува внимание на американската „игра со бројки“ во врска со царините
-
РСБСП со апел за Велигденските празнични денови: Возете одговорно и безбедно!
-
Колумбија прогласи вонредна состојба поради жолта треска и смртни случаи
-
Кампања на Царинска управа „Стоп за корупција“ за зголемување на свеста за опасностите кои ги носи корупцијата
-
Шалтерите на ЈП Водовод и канализација - Скопје утре ќе работат до 15:30 часот, понеделник е неработен ден
-
Папата Франциск нема да ги предводи велигденските богослужби во Ватикан