За владините коалициони партнери мнозинството е стабилно - ВМРО-ДПМНЕ бара Заев оставката да ја испрати во Собрание
Владејачкото мнозинство е стабилно и не се потребни предвремени парламентарни избори, соопштија од Владата по средбата на коалициските партнери, на покана на Зоран Заев, кој вчера обелодени дека поднесува оставка од премиерската функција.
„Заеднички се констатираше дека на Македонија и на граѓаните на земјата не и се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интегразии на Македонија”, пишува во владиното соопштение.
По двочасовната средба во Владата пред медиумите не се појави Заев, туку само претставници на дел од коалициските партнери, кои потенцираа дека нема да дозволат предвремени парламентарни избори. Тие не се согласуваат со најавената оставка на Заев и рекоа дека на средбата воопшто не станало збор за нов мандатар и нов владин состав.
Помалите коалициски партнери уште пред состанокот рекоа дека владејачкото мнозинство е стабилно и дека ќе продолжат да ја водат државата.
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ оставката на Заев не е доставена до собранието, а опциите се ново парламентарно мнозинство или предвремени парламентарни избори.
Освен на премиерската, Зоран Заев поднесе оставка и на лидерската позиција во СДСМ. Сега извршниот одбор треба во рок од 15 дена да распише внатрепартиски избори за нов претседател на партијата.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
