Балкан
17. November 2021 - 20:34

За производство на ракија над 50 литри казна од 250 до 770 евра во БиХ

Доколку се усвои предлог законот за силни алкохолни пијалоци на БиХ, сите што произведуваат ракија ќе треба да ја ограничат количината на произведениот пијалок на 50 литри, а во спротивно како физичко лице, ќе се наметне парична казна од 500 до 1500 КМ (од 250 евра до 770евра)

Во прелиминарниот предлог на Законот е предвидено дека сите оние кои произведуваат повеќе од 20 литри чист алкохол, односно 50 литри силен алкохол, задолжително да ја пријават својата дејност.

„Производител се запишува во Регистарот доколку ги исполнува условите од аспект на капацитети, простории, опрема и уреди, како и од аспект на стручен кадар“, пишува во прелиминарниот нацрт, според кој оние кои произведуваат помалку од педесет литри се ослободени од овие услови.

Опсегот на казни предвидени со овој Прелиминарен нацрт се движи од 3.000 до 15.000 KM.

Казни меѓу другото се предвидени и за оние кои користат етил алкохол кој не е од земјоделско потекло, не произведуваат силни алкохолни пијалоци на пропишан начин, произведуваат поголеми количини алкохол, а не се регистрирани.

„За прекршокот од ставот 1 на овој член ќе се казни физичко лице со парична казна од 500 KM до 1.500 KM“, се наведува во предлогот.

Овој документ ги дефинира и другите сегменти на производство на силни алкохолни пијалоци, како што се етикетирање, пакување и методи на селекција на суровини.

Доколку биде усвоен, производителите ќе имаат рок од една година да го усогласат производството со законските одредби.