Македонија
4. February 2016 - 13:55

За прекугранична соработка со Грција 20,5 милиони евра од ЕУ

На Македонија и Грција за проекти за прекугранична соработка им стојат на располагање 20,5 милиони евра. Средствата можат да ги користат општините, невладините и непрофитните организации на територија на пелагонискиот регион. Можностите за аплицирање проекти на јавниот повик од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Грција и Република Македонија за периодот 2014-2020денеска во општина Новаци ги претстави заменик министерот  за локална самоуправа Љупчо Пренџов.

- Во овој повик содржани се четири приоритетни теми на соработка, односно вработувања и мобилност на работна сила, културно наследство, патна инфраструктура и заштита на животната средина и климатски промени. Верувам дека ќе ја „бомбардираме“ Европската Комисија со одлични проекти и се со цел да искористиме поголем дел од средствата, посочи Пренџов.

На средбата со новинарите во општина Новаци, заменик министерот во Министерството за локална самоуправа потсети дека во претходниот програмски период, пограничната соработка со Република Грција се реализирала со 85 процентна искористеност на средствата и очекува во наредниот период да се достигне 95 процентна искористеност, како што тоа е низ прекуграничната соработка со Република Бугарија.

- Годинава ќе објавиме повици за прекугранична соработка и со Албанија и со Косово, а за првпат ќе објавиме повик и за прекугранична соработка со Република Србија бидејќи досега сме немале, најави Пренџов.

Општина Новаци досега искористила околу 800.000 евра за 5 проекти финансирани од фондовите на ЕУ. Реализацијата на проектите е извршена во соработка со грчките општини Алмопиа, Аминдео и Куфаља, како и со општините Борован од Бугарија и Пустец од Албанија, истакна Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

- Во наредниот период планираме да реализираме два поголеми проекти, едниот е за развивање на меморијален туризам и ќе биде посветен на ставање во функција на разни знаменитости, остатоци од Првата светска војна, а ќе има и други инфраструктурни проекти, посочи Котевски.

За поефикасна реализација на проектната соработка меѓу Република Македонија и Република Грција наскоро ќе се организираат 4 инфо-средби, по две во двете држави, беше посочено на денешниот промотивен настан во општина Новаци.