За пожарот во Кочани досега сослушани 300 сведоци
Сослушани се над 300 сведоци за пожарот во кочанската дискотека, а во тек е распит и на осомничените. Државниот обвинител Коцевски вели, истарагата е во чувствителна фаза и за десетина дена ќе биде познато колкумима ќе седнат на обвинителна клупа за трагедијата во Пулс.
Три месечниот рок за затворање на истрагата завршува за околу три недели. Осомничени се близу 60 лица кои засега обвинителството смета дека сториле тешки дела против општата безбедност. Кривичното дело се казнува со затвор до 20 години.
„И вчера и во моментов се распрашуваат сведоци, осомничени, се прибираат докази. Досега се расправашни голем број на сведоци, можеби над три стотини. Се надевам дека јавните обвинителите ќе ја завршат постапката предвидена со динамиката“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител.
Во меѓувреме, опозициската СДСМ повторно го поднесе законот за поддршка на настраданите во Кочани.
„Овој предлог-закон предвидува за семејствата на починатите надомест од 80.000 евра додека пак сите оние коишто се со повреди зависно од степенот на инвалидитето да се одреди и сумата којашто треба да ја добијат. Ги повикувам сите пратеници во собранието без разлика дали се од партии на парламентарното мнозинство или од парламентарната опозиција да се покаже зрелост, да покажеме дека ова не е натпревар помеѓу партиите туку дека е испит за емпатија и хуманост којшто ќе го положиме“, изјави Оливер Спасовски, Координатор на пратеничка група на СДСМ.
За власта, неприфатилив е предложениот закон. Партијата на власт имала свој план за поддршка – нови работни места, инфраструктурни проекти и покривање на трошоците за лекување.
„Не сакаме да влеземе во сценариото на политизација на трагедијата во која СДСМ упорно сака да не внесе. Владата од првите минути по страшната трагедија е во целосна поддршка на сите засегнати од трагедијата. Оливер Спасовски да поднесе ваков закон е исто како Зоран Заев да поднесе закон за враќање на името“, изјави Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
За пожарот во дискотеката осомничени се поранешни министри за економија, директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пазарниот инспекторат, екс градоначалници. Под истрага се и 14 полициски службеници од Штип и Кочани.
Според обвинителството, иако објектот не ги исполнувал условите, работел како дискотека.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар