Македонија
3. October 2025 - 12:44

За месец и половина клуч на врата на три штипски конфекции

Аларманта е ситуацијата во штипскиот текстилен сектор. За месец и половина клуч на врата на 3 конфекции, а работниците оставени без плата и без работа. Пред два дена реагираа вработените од затворената конфекција со холандски капитал, а вчера истото го најави и турска компанија. За да не останат на „кратки ракави“, од Гласен текстилец советуваат работниците да не потпишуваат сопогодбени решенија.

- Од минатата недела знаев дека ќе останат без работа овие кои беа на определено работно време, но за оние со неопредело, не насетивме. Бидејќи, ги следува опремнина, испратнина, согласно отказ од деловни причини, зашто ова е проблем на фирмата, а не на работниците, упативме апел да внимаваат што потпишуваат. Треба да добијат решение за отказ, односно, отказ поради деловни причини и решение за исплата согласно стажот во фирмата и законските обврски кои ги следуваат работниците при вакви случаи, изјави Кристина Ампева, Гласен текстилец- Штип

Во услови на криза, модата оди на последно место, додава Ампева и затоа текстилната индустрија е во надолна линија. Сепак, во изминатиот период многу малку се работеше на модернизација на текстилното производство, што резултира со неконкурентност на пазарот, а за тоа вина сносат и надлежните институции.

- Практично, индустријата која придоенесува со над 10% од инсустриското производство добила само 1,74% од унгарскиот кредит. Само 15 текстилни компании во Штип добиле средства, а во градот има 50-60, не знам ни јас колку зашто постојано се менува ситуацијата, ќе видиме дека тоа е премалку и оваа индустрија не заслужила ваков игнорантски однос. Мене ми е многу жал што морам ова да го кажам, но сметам дека се нема ниту стратегија, ниту идеја. Имаме работници, сопруг и сопруга работат во тие фирми, тоа се работните места во Штип, текстилната индустрија е овде присутна, овде и во целиот Источен регион, додаде Ампева

Од некогашните 65 000 вработени во текстилниот сектор денес работат околу 25 000, но оваа бројка постојано се намалува.