За една година удвоен бројот веб-страници што продаваат материјали со сексуална злоупотреба на деца

Бројот комерцијални веб-страници што продаваат материјали со сексуална злоупотреба на деца се удвоил минатата година, соопшти Организацијата за мониторинг на интернетот „Internet Watch Foundation“ (IWF).
Во денеска објавениот годишен извештај Организацијата наведува дека во 2025 година идентификувала 15.031 таква страница, споредено со 7.028 годината претходно.
Организацијата исто така идентификувала и дигитално означила 317.101 такви фотографии, што им овозможува на технолошките компании да блокираат нивно понатамошно споделување.
Околу 16 проценти од посочените интернет-страници или 2.458 на број, биле маскирани да изгледаат како легитимни или неактивни, но содржеле скриени начини за пристап до материјалите.
Организацијата IWF бара финансиските институции да бидат обврзани да откриваат и пријавуваат платежни линкови поврзани со такви содржини.
Извршната директорка на организацијата, Кери Смит, изјави дека криминалците ги користат системските слабости и лесно профитираат од експлоатацијата на деца.
„На секој чекор треба да го нарушиме тој систем. Тоа е индустрија“, рече таа, повикувајќи на воведување задолжителни мерки за финансискиот сектор за откривање и блокирање на дигитални плаќања поврзани со спорни содржини.
Организацијата, исто така, повика компаниите што користат целосна енкрипција да применат безбедносни алатки за спречување злоупотреба на нивните платформи.
Удвоен е и бројот деца кои пријавиле дека се жртви на т.н. „секстрорзија“ или уцена со компромитирачки фотографии.. IWF регистрирала 397 вакви случаи во 2025 наспроти 175-те во 2024 година.
Извршниот директор на британското Национално здружение за спречување суровост кон децата (NSPCC), Крис Шервуд, оцени дека растот на такви страници открива сериозен проблем, остварување профит од детско страдање.
Тој предупреди дека жртвите често остануваат незаштитени и се соочуваат со дополнителна траума поради ширењето на материјалите на Интернет.
Шервуд повика регулаторот „Ofcom“ да ги искористи своите овластувања за откривање и спречување на сторителите, додека технолошките компании треба постојано да користат технологии за заштита на децата.
Британската министерка задолжена за заштита и спречување насилство врз жени и девојки, Џес Филипс, изјави дека податоците се „шокантни“ и најави построги мерки.
„Новите закони ќе значат дека секој што управува или модерира такви веб-страници ќе се соочи со строги затворски казни“, рече таа, додавајќи дека Владата ќе преземе најобемна акција досега против злоупотребата на деца, и онлајн и офлајн.
МИА
Ново на Сител
-

Нетанјаху: За непријателите на Израел нема имунитет
-

СВР Струмица со повеќе активности го одбележа 7 Мај – Денот на македонската полиција
-

Шеснаесет возачи возеле без дозвола, кај еден од возачите пронајдена марихуана, а возач од Тетово возел со 1,46 промили алкохол
-

Дваесетгодишна државјанка на Турција е пронајдена почината во стан, потврдија од СВР Штип
-

Андоновски: Дигитализацијата е алатка за поконкурентна економија
-

Собранието го донесе Законот за Советот на јавните обвинители
-

Научник за само еден месец изел 720 јајца
-

Мицкоски: Наскоро ново проширување на лекови од позитивната листа
