За 4 години пред Телото за судиска етика покренати се само две прашања
За 4 години пред Телото за судиска етика покренати се само две прашања.
Судиите ги интересира дали е етички да имаат профил на социјалните медиуми и дали може да бидат дел од клубот на ротари. Од Здружението на судии очекуваат Телото за судиска етика да заживее и од судиите бараат да бидат поактивни на тоа поле бидејќи етиката е клучен фактор за интегритетот и независноста на судството.
-„За жал мора да кажам дека до сега се поставени само две прашања пред овој Комитет и се одговорени. Прашањето на политичко и секакво друго влијание, дали бизнис, дали друго влијание, е релативно и прашање кое треба да се детектира постојано. Јас не можам да тврдам дека сум сведок на такви политички влијанија но, не можам да исклучам таква можност и тоа секогаш е можно“, вели Џемали Саити, претседател на Здружение на судии во Македонија.
Истражувањата на невладините организации покажуваат дека граѓаните со години ги сметаат судиите за едни од најкорумпираните службеници и судството бележи континуиран пад на довербата. Но, етичкото однесување не претставува основ за разрешување и дисциплинска одговорност. Затоа, етичкото тело повикува на дебати.
-„Ве поканувам и ве поттикнувам да поставувате сè повеќе прашања до Советодавното тело за етика, не само судиите, туку и поротниците. Што повеќе морални дилеми да ги разрешиме на начин што ќе дадеме советодавни мислења, кои мислења ќе бидат еден патоказ за судиите како да се однесуваат во судот и во јавниот живот“, вели Шпенд Деваја, претседател на Советодавното тело за судска етика.
Со поддршка на УСАИД се спроведува и проект за промоција и поголемо користење на Телото за судиска етика, со цел преку решавање на етички прашања да се подобри работата на судиите и да се зголеми нивниот интегритет.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
