За 12 часа 65 000 прекршоци регистрираше Сејф Сити
За 12 часа забележани 65.000 прекршоци. Почна тестирањето на Safe City – системот за автоматско казнување на возачите кои ќе направат прекршоци на скопските улици. Министерот Тошковски објави дека во првите 12 часа од проброното функционирање на системот, регистрирани се 2.800 поминувања на црвено светло и 1.000 нерегистрирани возила НА улиците.
Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата, вели министерот Панче Тошковски.
-Во почетокот, камерите за автоматска регистрација на регистарски таблички ќе регистрираат само прекршоци како брзо возење, поминување на црвено, непрописно паркирање и истечена сообраќајна. Во следната фаза МВР најавува проширување на следењето на прекршоци, но засега без детали што точно ќе следат камерите.
Граѓани веќе почнаа да добиваат СМС пораки од МВР со предупредување дека направиле прекршок во сообраќајот. Отстапки нема, па така, на места каде дозволено е 50, предупредување добиваат и возачи кои возеле со 52 километри на час, на пример.
Кога ќе дојде ред за казнување, таа ќе пристигне и на СМС, но и на електронска адреса – податоци кои возачите ги оставаат при регистрација на возилата.
- Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог ќе плати половина од изречената глоба, ако истекол рокот од осум дена за да плати половина од изречената глоба, ќе може да го плати целиот износ на изречената глоба, најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот за плаќање на половина од изречената глоба, а пред постапката за извршување. Кога ќе заврши со плаќање на изречената глоба во дадените рокови не се плаќаат трошоци на целокупната постапка, вели портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Засега е нејасно колку време ќе му треба на системот да регистрира и процесуира одреден прекршок. Според објаснувањето од МВР, странците кои транзитираат на пример, ќе има рок од 8 дена за да ја платат глобата.
-Странец, како и државјанин на Република Северна Македонија кој што со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на приемот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог да ја плати изречената глоба. Ако сторителот не ја платил глобата МВР ќе ја достави до органот надлежен за присилна наплата, вели портапролот Гоце Андреевски.
Во случаи на прекршоци кои освен парична казна, законот предвидел и одземање на возачката дозвола – ако сторителот ја платил глобата во предвидените рокови, МВР поднесува барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот суд.
На еден месец пред стапувањето во сила, во јавноста се уште има одредени недоречености, на пример, како ќе бидаат казнувани возачите на Рент а кар возила, или уште кои законски измени се потребни да се донесат до крајот на месецот, за системот да може непречено да профункционира.
Safe City е еден од најдолгонајавуваните проекти, уште од 2023. Планот е да биде проширен и во други градови, како Куманово, Тетово, Штип... Системот треба да воспостави ред во сообраќајниот хаос и да го намали бројот на жртви со оглед на тоа што годишно во просек по 137 луѓе гинат во сообраќајни несреќи.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
