Балкан
8. April 2019 - 12:46

Вуцис: Владата не ги објасни доволно позитивните аспекти на Договорот од Преспа

Претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис во интервју за грчкиот весник „Documento“ врши самокритика во однос на Договорот од Преспа и како актуелната грчка Влада, со целото прашање управуваше во внатрешноста на земјата.

На прашањето дали потпишаните договори за време на посетата на Ципрас на Северна Македонија и грчкиот интерес за инвестиции можат да придонесат за нормализирање на реакциите во грчкото општество, Вуцис вели дека владата наместо договорот да му го објасни на народот, го стави во мирување со мислата дека позитивните работи на договорот се очигледни, јави дописничката на МИА од Атина.

-Патувањето на премиерот во Северна Македонија беше историско. Македонското прашање и решението што дојде со договорот имаа влијание од повеќе аспекти во грчкото општество. Вие допирате една страна. Односно како преку економското поврзување и појавување на поле на соработка во енергијата и инвестициите ќе се создаде поразлична клима. Ова страна е основна, но тоа не е доволно. Бидејќи, поради доцнењето од страна на владата, наместо овој навистина многу добар договор да му го објасни на народот, а особено во грчката Македонија, во суштина беше ставен во мирување со мислата дека позитивните работи на договорот се очигледни, објаснува Вуцис.

Претседателот на грчкиот Парламент, во интервјуто ја споменува и улогата на неодамнешниот коалициски партнер во грчката Влада. Вели дека кога си во коалиција со политичка сила што за црвена линија го има македонското прашање, а нејзиниот претседател и министер за одбрана пред меѓународните организации ја изразува неговата спротивставеност, „јасно е дека ова ќе доведе до суштинско отстранување на позитивните аргументи за договорот“.

-Верувам дека овој негативен терен до еден степен се отстрани преку двојната расправа што се одржа во Парламентот, со објаснувањата дадени за време на расправата за уставните измени и со иницијативите на грчкиот премиер. Сепак, до одреден степен, и повторно ќе бидам самокритичен, фактот што се дозволи да се водат дискусии против демократијата и политичкиот систем во училиштата за кај децата да се создадат нео-националистички, нео-ксенофобични и расистички перцепции тоа е и наш проблем. Бидејќи контра аргументи за таков вид на извртувања на реалноста не беа силни и континуирани од наша страна, истакнува претседателот на грчкиот Парламент.