Балкан
30. December 2021 - 8:34

Вучиќ: Сите млади од 16 до 29 години ќе добијат 100 евра парична помош

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на годишната прес-конференција најави дека на 1 февруари младите од 16 до 30 години ќе добијат помош од 100 евра, јави дописникот на МИА од Белград.

– Оние кои ќе го исполнат тој критериум, ќе имаат право да аплицираат од 15 до 30 јануари, а на 1 февруари на нивната сметка ќе бидат впишани 100 евра во динарска противвредност. Треба само да се пријават, да го остават број на личната карта и бројот на сметката и парите ќе легнат на 1 февруари, изјави Вучиќ.

Тој најави и помош од 10 000 динари за сите здравствени работници од 15 јануари, како и помош за пензионерите од 20 000 динари.

Вучиќ кажа и дека, според „флеш проценка”, Србија годинава ќе ја заврши со раст од 7,5 отсто од бруто домашниот производ, додека стапката на јавниот долг ќе изнесува 56,9 отсто од БДП на ниво на државата.

Според него бруто домашниот производ на државата годинава ќе изнесува 53 милијарди евра, додека следната година се очекуваат „речиси 58 милијарди евра”.

Странските директни инвестиции ќе изнесуваат 3,6 милијарди евра, додаде Вучиќ и посочи дека Србија има 16,5 милијарди евра бруто девизни резерви, односно 13,9 милијарди нето.

Вучиќ посочи дека Србија има и 37,3 тони златни резерви, дека во 2019 и 2020 година биле купени 12 тони злато, кои со „уште еден тон пронајден во Лондон биле префрлени во трезорите на Народната банка на Србија“.

Претседателот на Србија изјави и дека очекува до 2025 година во капитални инвестиции во Србија да бидат инвестирани 14 милијарди евра.