Вучиќ и Кошта на средба во Белград, разговарано за односите на Србија и ЕУ
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека разговарале за сите важни прашања и за потребата од дијалог со Приштина и зачувувањето на регионалниот мир и стабилност.
„Задоволен од содржината на нашите разговори. Јас сум благодарен на претседателот Кошта за посетата на Србија, за тоа што донесе добра волја во разговорите за пристапување на Србија во ЕУ….Разговаравме за неопходноста од дијалог со Приштина, зачувувањето на регионалниот мир и стабилност. Разговаравме и за неопходноста од спроведување реформи во нашата земја“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија истакна дека државата останува посветена на европскиот пат и искрено и цврсто е посветена на реформите и дијалогот.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска во Белград изјави дека во процесот на европска интеграција на Србија „топката е во нејзин двор“ и апелираше до српските власти да не губат време, да ги спроведат потребните реформи и да го искористат моментумот што постои во Унијата.
„Многу луѓе, не само во Србија, туку и во регионот, ја изгубија довербата во овој процес, но денеска дојдов тука за да ве уверам во личниот ангажман и целосната посветеност на ЕУ за постигнување резултати во проширувањето“, изјави тој на прес конференција по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој исто така истакна дека дијалогот меѓу Србија и Косово е клучен, како и јасната осуда на руската инвазија на Украина.
„Топката сега е во ваш двор и ве молам не губете време бидејќи иднината нема да чека, па ајде да го отвориме овој кластер и да продолжиме со успешната интеграција на Србија во ЕУ“.
Коментирајќи го заминувањето на Вучиќ во Москва за да го прослави Денот на победата и покрај пораките од Брисел дека нема да го стори тоа, тој рече дека српскиот претседател му објаснил дека отишол да прослави настани од минатото.
„Но, во сегашноста, Србија е целосно посветена на процесот на пристапување во ЕУ и знае дека за тоа ни е потребна целосна координација во заедничката надворешна и безбедносна полиција. Не можеме да ја менуваме историјата, целосно разбирам дека Србија го слави ослободувањето, но не можеме да го славиме без да ја осудиме денешната инвазија на друга земја“, рече тој.
Кошта денеска ќе се сретне и со српскиот премиер Ѓуро Мацут, со претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ и со опозициските парламентарни групи.
Ново на Сител
-
Откажани летови низ Блискиот Исток
-
Во Кочани уапсени 13 полицајци и началници кои биле на должност вечерта кога се случи трагедијата
-
Нетанјаху: Нападот врз Иран беше „многу успешен“, операцијата ќе трае со денови
-
Иран тврди дека подготвува остар одговор на израелските напади
-
Израелските авиони сè уште напаѓаат нуклеарни постројки низ Иран, соопшти армијата
-
Коцевски и обвинителскиот тим ќе информираат за досегашната постапка и донесената одлука за пожарот во „Пулс"
-
Во израелските напади е убиен шефот на Иранската револуционерна гарда
-
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто во работна посета на земјава