Македонија
12. April 2022 - 19:39

Втор ден празни училишта, продолжува штрајкот на СОНК

Втор ден штрајк во образованието, а нема најави за средба со Владата. Синдикатот е задоволен од одзивот и се надева на брзи преговори со Владата.

„Сите синдикални организации на СОНК се во Генерален штрајк, дополнително со зголемен број на колешки и колеги кои се приклучиле кон штрајкот. Посериозни проблеми или притисоци врз штрајкувачите не се регистрирани до овој момент“, напиша Јаким Неделков на Фејсбук,

Се штрајкува низ целата држава, како во градинките, така и во основните и средни училишта.

И покрај штрајкот, дел од учениците одат во училиште. Некои имаат настава, но некои само седат во училница.

СОНК и надлежните министерства со различни информации за штрајкот. Додека од СОНК велат дека 90% од наставниот кадар е во штрајк, од Министерството за труд со далеку помала бројка.

„Министерството за труд и социјална политика ја информира јавноста дека од вкупно 75 јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст во земјава, во 25 денеска воопшто не се штрајкува, додека пак, во 50 предучилишни установи штрајкуваат само дел од вработените“, информираат од Труд.

СОНК бара покачување на сите плати линеарно, согласно растот на минималната плата. Од ВЛАДАТА велат дека веќе имало покачување за 21%, или за износ меѓу 3.200 и 6.400 денари.

„Владата е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства. Барањата треба да бидат реални и да произлегуваат од чувството кое го налага моментот“, пишува во соопштението од Влада.

Народниот правобранител апелира до двете страни за брзо решение, бидејќи во случајов се нарушуваат двете уставно загарантирани права за непречено образование и правото на штрајк.

Штрајкот ќе продолжи се додека не се најде решение.