Втор ден од официјалната посета на претседателката на Индија на земјава

Претседателката на Индија Друпади Мурму на вториот ден од официјалната посета на земјава, денеска заедно со претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, кадешто ќе се обратат на церемонија на откривање на биста на Махатма Ганди.
По церемонијата во Музејот на град Скопје, претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму ќе се упатат кон Охрид, кадешто ќе го посетат манастирскиот комплекс Свети Наум, како и манастири и цркви во Стариот град на Охрид.
Вчера, на првиот ден од посетата на индиската претседателката заедно со владината и бизнис делегацијата, на средба во Вила Водно со Сиљановска Давкова, ги потврдија пријателските односи, заедничките вредности и заемната почит меѓу Македонија и Индија.
Како што кажа претседателката на заедничката прес-конференција со Мурму, ја потврдиле заедничката решеност билатералните односи да се издигнат на уште повисоко ниво, го поздравиле засилениот интензитет на политичкиот дијалог по министерските размени меѓу Скопје и Њу Делхи и се согласиле дека контактите меѓу владите, министерствата, парламентите и институциите треба да станат почести, подобро структурирани и поамбициозни.
Во текот на разговорите идентификувале многубројни области за зајакнување на економската соработка, меѓу кои автомобилската индустрија, фармацевтската, здравството, информатичките технологии, „аутсорсингот“ на деловни процеси, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството, логистиката и напредното производство.
Претседателката на Индија, Друпади Мурму, е сигурна дека нејзината посета на земјата ќе отвори ново поглавје во билатералните односи и ќе ги зацврсти партнерствата меѓу Македонија и Индија, но дека ќе ги подигне и на едно повисоко ниво. Таа истакна дека сакаат да промовираат подобра трговија и инвестиции и да охрабрат подобра соработка помеѓу бизнисите од двете земји.
- Исто така, се согласивме билатералната трговија да ја прошириме двојно од сегашниот обем. Разговаравме за соработка во клучни сектори, вклучително (IT), земјоделство, обработка на храна, фармација, туризам, угостителство и аудиовизуелни уметности. Денeшниот бизнис-форум ќе биде одлична платформа за дискусија на овие прашања. Имаме меморандум за соработка во здравството, се договоривме да ја зајакнеме соработката во оваа сфера, особено во промоција на традиционалната медицина - истакна индиската претседателка.
Вчера попладне се одржа и Македонско-индиски бизнис форум, на којшто беа претставени можностите за инвестирање во земјава. Главната порака од форумот беше да се зајакнат трговските односи меѓу Северна Македонија и Индија со цел во следните пет години да достигнат барем 400 милиони американски долари во трговска размена, со што вистински ќе се реафирмираат односите меѓу двете земји.
Првиот човек на Здружените стопански и индустриски комори на Индија (ASSOCHAM), Нирмал Кумар Минда, порача дека Индија денес е дом на најголемите дигитални инфраструктури, еден жив инвестициски екосистем и една од најмладите работни сили глобално. Македонија, посочи тој, од друга страна, нуди значајни стратешки предности: нејзината географска локација е на крстопатот на важни европски коридори, нејзината вешта работна сила, инвестициите коишто ги води надворешната политика и пристапот до европскиот пазар ја прават Македонија атрактивна дестинација за индиските компании коишто бараат посилно присуство во Европа.
Ова е прва посета на индиски претседател на државава.
МИА
Ново на Сител
-

Турција, Пакистан и Саудиска Арабија формираат воено-политички механизми во рамките на новиот одбранбен пакт
-

13 лица повикани на информативен разговор поради ширење на лажни информации за водата во Скопје
-

Евакуации по морски пат од плажата во Сивири поради големиот пожар | ВИДЕО
-

Предметот против против Груби и уште седуммина за „Државна лотарија“ почнува на 24 август
-

Пожар на првиот крак на Халкидики – пораки од бројот 112 за евакуација на Сивири и Фурка
-

Нов топлотен бран во Европа: Над 340 милиони луѓе под влијание на температури над 30 степени
-

Вложуваме во заедницата кога е најпотребно: Flex Credit донираше 10 тони вода за вработените, клиентите и жителите на Гостивар
-

ЦУК: Девет активни пожари на отворен простор до 13 часот, два се под контрола, а два изгаснати
