Македонија
7. October 2021 - 10:39

Врнежите ќе придонесат за подигање на ниското ниво на Охридското Езеро

Дождот што интензивно врне во текот на ноќта и денеска бездруго ќе придонесе за подобрување на неповолната хидролошка ситуација во Охридскиот регион, особено кога станува збор за нискиот водостој на Охридското Езеро.

Нивото на Охридското Езеро изминатиот период варираше, но речиси константно една година под просекот, дури и под природниот минимум.

Последните мерења од УХМР покажуваат дека вчера нивото на езерото беше на котата 693,13 метри надморска височина, што е за 15 сантиметри под просекот за октомври (693,28 м.н.в) и само три сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).

Што се однесува на температурата на езерската вода, таа вчера изнесуваше 18 степени Целзиусови што е некаде на ниво на просекот за овој период од година или еден степен повисоко од просекот за октомври.