Македонија
3. February 2020 - 13:18

Времена забрана за сите видови сообраќај на стариот патен правец кон манастирот Св. Јоаким Осоговски

Локалната самоуправа на Општина Крива Паланка воведе забрана за сите видови сообраќај на постојниот патен правец од Крива Паланка до село Варовиште кој води кон манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски кај Крива Паланка.

– Воведената забрана е согласно Законот за јавни патишта, поради реализација на проектот “Реконструкција на патна инфраструктура за пристапен пат до Манастир Св.Јоаким Осоговски-с.Варовиште”, активност од сферата на промоција на туризмот и историското наследство која општината ја отпочна деновиве со воведување на изведувачот на градежните работи.

Врз основа на барање на изведувачот на работите за реконструкција на локалниот пат и донесено Решение од страна на градоначалникот на општината, се воведува привремена забрана на сите видови на сообраќај на патниот правец Крива Паланка – с.Варовиште, на делот од приклучок на постојниот пат кај поранешен „Мотел Македонија“ до приклучокот на т.н. „Руски пат“ над манастирот Свети Јоаким Осоговски, заради извршување на активности за реконструкција на јавниот пат, информира службата за комуникација со јавност при општината.

Забраната е воведена од први месецов, а ќе трае се до предвиденото завршување на градежните активности, 31 мај 2020 година. Од општината апелираа граѓаните да имаат разбирање и да ја почитуваат забраната, а во наредниот период да го користат алтернативниот пат, односно т.н. „Руски пат“ по кој непречено може да се одвива целокупниот сообраќај.

Реконструкцијата на овој патен правец се врши со средства обезбедени преку Бирото за Регионален развој, вкупно 13,5 милиони денари.