Македонија
2. February 2025 - 20:26

„Вратете ѝ ги боите на Фросина“ порачаа илјадници граѓани на масовниот протест

Илјадници граѓани денеска во Скопје се собраа на мирен протест изразувајќи ја својата поддршка за Фросина Кулакова и сите жртви од сообраќајни незгоди. Извикувајќи во еден глас граѓаните, меѓу другото, побараа „правда за Фросина“, „правда за жртвите“, „оставка“ и „затвор за Васил“.

Протестот започна на булеварот „Партизански одреди“, на местото каде што беше прегазена Фросина кај Универзална Сала, продолжи преку Собранието и Јавното обвинителство, до Кривичниот суд. На секоја точка, граѓаните оддава почит на Фросина со триминутно молчење.

Низ толпата можеа да се забележат најразлични транспаренти како „Безбедноста е право, не привилегија“, „Нема веќе неказнивост“, „Прошка нема, правда мора да има, доста е“,„Не умираме од несреќа, умираме од корупција“, и „Нема правда, нема мир“, преку кои граѓаните изразија, револт и надеж за промени. 

Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, кој заедно со семејството беше присутен на протестот, на крајот се заблагодари на поддршката порачувајќи дека да не биле граѓаните, случајот со Фросина досега ќе бил затворен.

- Сакам да ми верувате дека да не беше притисокот од јавноста, случајот Фросина веќе ќе беше ставен во фиока, рече тој.

На протестот под мотото „Кој е следен?”, граѓаните порачаа „Вратете ѝ го боите на Фросина“ за 22-годишната модна дизајнерка од Неготино која беше прегазена на пешачки премин од страна на дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.

На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога. 

Ова е втор протест откако граѓаните во Скопје одржаа мирен собир и во петокот, кога запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина поставена на местото каде што таа беше прегазена. Преку написите како „Врските не враќаат човечки живот“ и „Не е несреќа, туку убиство“ тие и тогаш маршираа до Собранието и Кривичниот суд и побараа одговорност од институциите за Фросина и за сите жртви во сообраќајни незгоди.

Мирен собир деновиве се одржа и во Неготино, родниот град на Фросина, како и во Кавадарци.