Бизнис
5. July 2018 - 17:30

Вработените во Еурокомпозит постигнаа договор со владата

Вработените од Еурокомпозит ќе ги соберат шаторите и од утре ќе се вратат на работа. На средбата со вицепремиерот Кочо Анѓушев, се договорија дека во текот на следната недела секој од нив ќе добие по 30.000 денари. Државата за таа намена, како и за натамошните тековни трошоци за производство ќе обезбеди околу 13 милиони денари.

Владата до сега повеќе пати вети решавање на проблемот, но како што изјави премиерот претходно, купуваат време додека не се изготви анализа на состојбата за да може некој од заинтересираните инвеститори да ја реструктуира компанијата. Планот за спас предвидува дел од вработените да се прогласат за технолошки вишок и да земаат соодветен надомест сè до нивно пензионирање.

Државната компанија им должи на вработените 18 плати, а придонесите не им се платени цели 6 години. Тие пред три дена почнаа генерален штрајк, а утрово најавија секојдневно блокирање на сообраќајот сè до конечно решавање на статусот на фирмата. Дел од нив протестираа на прилепските улици, а дел поставија шатори спроти владината зграда.