Македонија
25. April 2025 - 16:45

Вооружена престрелка на Бит Пазар - едно лице тешко повредено

Превртен мотор, чаури по улицата и искршени излози на продавници сведочат за престрелката во Дуќанџиќ. Едно лице на возраст од 30 години со тешки повреди е пренесено во Ургентниот центар.

Лекарите велат го примиле со прострелни рани во главата и во критична состојба е пренесен на неврохирургија. Засега напаѓачите се непознати за полицијата иако според неофицијалните информации се работи за одмазда. 

Полицијата информира дека престрелката се случила во 14 часот на Битпазар, но не открива детали за напаѓачите. 

„Полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар излегле на местото и било констатирано дека се работи за престрелка помеѓу две групи од по пет до шест лица, при што едно лице е повредено и е пренесено во Ургентен центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“.“

Пукањето го слушнале луѓето кои работат во продавниците кои веднаш избегале внатре. Сведочат дека се слушнале многу истрели.

Во близина на местото е основното училиште Јашар Беј Шкупи каде во моментот се одвивала настава. Учениците биле веднаш евакуирани и повикани нивните родители да ги земат од школо. Во моментот на пукањето се одржувала и петочна молитва во џамијата во непосредна близина.