Македонија
24. March 2022 - 16:37

Вонреден состанок на НАТО: Зеленски побара воена помош, Алијансата го зацврстува присуството во Источна Европа

Воена и финансиска помош за Украина и зајакнување на источното крило на НАТО со четири нови борбени трупи во Бугарија, Унгарија, Романија и во Словачка. Потврда за единството и осудата на руската инвазија, е исходот од вонредниот состанок на Алијансата одржан денеска во Брисел.

Прифативме нови обврски, рече генералниот секретар на НАТО по состанокот. Го засилуваме присуството на копно, на море и во воздух, а ќе има и нови вежби на истокот, најави Столтенберг.

“Се договоривме за испорачување на воена опрема...Антитенковски и противвоздушни системи... финансиска и хуманитарна помош... сајбер безбедноснт...”

Помошта не е доволна, посочи украинскиот претседател во видео обраќање. Ова беше мрачен и деструктивен месец. Се држиме храбро, но по крајно висока цена и затоа ни треба силна воена асистенција, , истакна Зеленски пред лидерите на НАТО земјите, истовремено обвинувајќи ја Русија за користење на фосфорни бомби. 

„Вие имате најмалку 20 илјади тенкови. Украина бара еден процент. Еден процент од тие тенкови да ни дадете или пак да ни ги продадете. Но се уште немаме јасен одговор од вас. Најстрашно за време на оваа војна е што немаме јасни одговори на нашите барања за помош. Украина никогаш не ја бараше оваа војна. И не сакаме да војуваме со години. Ние едноставно сакаме да ги спасиме нашите луѓе. Сакаме да преживееме. Едноставно да преживееме”

На масата со сојузниците седеше и македонскиот премиер. Како што соопштија од Владата, Ковачевски истакнал дека руската воена агресија во Украина е неиспровоцирана и неоправдана и сериозно кршење на меѓународното право.

„Денес сите сојузници на НАТО се обединети. Ќе ја понудиме нашата поддршка на народот на Украина, ќе останеме обединети. Македонија како земја членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ и ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите-членки на НАТО и на ЕУ со цел да го одвратиме она што Путинова Русија го прави во Украина”

Вонредниот НАТО состанок се случи на точно еден месец по започнувањето на руската инвазија на Украина. Досега беа одржани неколку рунди мировни преговори, но без успех не беше постигнат.