Вон контрола пожарот во близина на Атина, изгорени домови, евакуирани населби
Цела ноќ траеше битката на пожарникарите со пожарот што сè уште е вон контрола во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, а огнените јазици предизвикаа материјална штета на куќи, изгореа домови и досега беа евакуирани жителите на најмалку десет населби, јави дописничката на МИА од Атина.
Шумскиот пожар избувна вчера, кусо по 17 часот од планината Пендели и поради силниот ветер, се спушти и брзо се прошири кон населените места, заземајќи големи размери со активни жаришта во повеќе населби и во близина на домови.
Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос, утрово рече дека ноќта беше тешка, а ветерот со брзина од над 80 километри на час, постојано менувал правец што дополнително го отежнуваше гаснењето на пожарот.
Со разденувањето одново почнаа да интервенираат и воздушните средства, а во гаснењето на пожарот учествуваат 485 пожарникари, заедно со пожарникарите од Романија кои се во Грција, 28 пешадиски тима, 120 противпожарни возила, пожарникари волонтери и цистерни од општините, а од воздух пет авиони и четири хеликоптери.
Во пожарот помагаат и припадници на армијата, но и на полицијата, која отстапи 626 полицајци со 232 возила.
Во текот на ноќ преку неколку пораки од бројот за итни случаи 112 беше побарано од жителите на шест населби да се евакуираат, додека пак полицијата интервенирала 600 лица да бидат пренесени на безбедно место.
Од почетокот на пожарот беше побарано од жителите на најмалку десет населби да ги напуштат нивните домови.
Доцна синоќа превентивно беа евакуирани и Националната опсерваторија и две детска болница со 35 и 36 деца.
Од 5.30 часот утрово, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е во координативниот центар за операции и управување со кризи во Министерството за климатска криза и цивилна заштита.
Сè уште е непозната големината на материјалната штета предизвикана од шумскиот пожар, но сигурно е дека има целосно изгорени куќи и возила, но и куќи кои претрпеа материјална штета.
Ново на Сител
-
Флекс Кредит прогласен за „Најпосакуван работодавач“ во категоријата финансиски друштва за 2024 година
-
Скопјанец добил пари на рулет, па го искршил истиот, по што обезбедувањето на казиното физички го нападнало
-
Андовски: Уште двајца од пожарот во Кочани во релативно тешка состојба
-
Загина мотоциклист откако излетал од патот
-
62-ра жртва од пожарот во Кочани, во Белград почина Стојанче Стојанов
-
Женско бебе пони во ЗОО Скопје
-
Четири лица краделе предмети од објект на ЈП Железници со вкупна вредност од околу 1.239.000 денари
-
1507 сообраќајни прекршоци вчера и завчера на територија на цела држава, 259 за брзо возење