Македонија
13. April 2020 - 16:47

Војската излезе на улиците во Прилеп, ќе помагаат во почитување на мерките за заштита од корона вирусот

Армијата излезе на улиците во Прилеп. Уште од раните утрински часови војниците се распоредија пред сите поголеми маркети и експозитурите на банките за да прават ред кај граѓаните. Деновиве пред овие објекти имаше огромни гужви и турканици. На тротоарите пак пред сите банки и маркети се залепени налепници на кои пишува „СТОЈ ОВДЕ“ и тие се поставени на она препорачано растојание од минимум 2 метри. Денеска има и нов смртен случај во Прилеп од Ковиде 19, 68 годишен маж хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје. Исто така денеска има и 3 нови случаи. Асистенцијата на војската уште вчера ја градоначалникот според кого граѓаните мора да се дисциплинираат, но и фирмите кои имаат заразени со Ковид 19.

„Присуството на армијата граѓаните не го почувствуваа како страв, туку напротив како загриженост на армијата, затоа доаѓа на помош, како безбедност и сигурност. Граѓаните на Прилеп мора, малку ќе бидам вулгарен, да се превоспитаме, затоа што ништо не доаѓа од надвор, се е од внатре и ако успееме од внатре да почитуваме и да ги спроведиме мерките ќе биде помалку ризично. Да не му падне на памет на некои од компаниите што се затворени да отворат, без да добијат дозвола од надлежните служби“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Денеска во Прилеп се одржа и седница на кризниот штаб на која присуствуваа присуствуваат шефот на централниот кризен штав, Бујар Османи, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

„Можеме да направиме 1001 препорака, но ако препораките не се политуваат тие паѓаат во вода. Сите сме свесни дека нашиот секојдневен живот стана многу различен, многу потежок и многу покомплициран. Но тоа е единствениот начин да се справиме со оваа невидлива опасност“, изјави Радмила Шекеринска, министерка за одбрана.

Вицепремиерот Османии рече дека респитаторите кои биле порачани од Кина преку Норвешката амбасада во Белград биле задржани во Турција со одлука на нивната Влада, а од ЕУ требало да пристигнат 20 респиратори.

„Имаше одлука на турската влада дека сите респиратори на нејзина територија ќе бидат користени за потребите на Република Турција, така да тие респиратори ги зема турската влада. Од тука норвешката амбасада беше приморана да го прекине тој договор и да објави нов договор за купување респиратори, преку нова рута за обезбедување која ќе ја избегне турција и ќе дојде директно од Кина во Скопје. Другите набавки одат како што беше планирано“, Бујар Османи, шеф на централниот кризен штаб.

Потпретседателот пак на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски побара масовно тестирање за корона вирус на жителите во Прилеп за да се откријат жариштата на вирусот. Тој обвинува и дека оние граѓани што веќе се тестирале чекаат резултати и по една недела.

„Повикувам во Прилеп на испомош од другите болници во Македонија да се испрати соодветен медицински персонал, а пред се инфектолози. Исто така повикувам да се зајакнат капацитетите на битолската клиничка болница како најголема болница во околината на Прилеп. Што побрзо да стигнуваат резултатите на веќе тестираните. Информациите од Прилеп се дека луѓето чекаат од 5 до 7 дена за резултат. Тоа е недозволиво долго време, драгоцено загубено време“, потенцираше Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на денов по заврпшувањето на седницата на Кризниот штаб ќе се знае дали ќе се воведат и други поригорозни мерки за Прилеп.