Македонија
11. January 2017 - 15:56

Водостопанство „Брегалница“ ќе гради девет водозафати

Две фирми доставиле понуда на тендерот за изградба на девет водозафати на реките на подрачјето на хидросистемот „Брегалница“, а електронската аукција е закажана за утре.

Како што истакна директорот на водостопанската подружница „Брегалница“ - Кочани Николчо Гоцев, водозафатите ќе бидат лоцирани на реките Злетовска, Кочанска, Оризарска и Брегалница, а за нивна изградба се наменети 1,8 милиони денари од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2016 година.

- По завршување на аукцијата ќе биде избрана фирма-изведувач и ќе се пристапи кон реализација на проектите, рече Гоцев.

Водозафатите се бетонски праг за зафаќање вода и пренасочување за потребите на земјоделските површини. Предвидено е да се изградат под мостот на Злетовска Река каде што поминува железничката линија, на Оризарска и Кочанска Река на вливот во Брегалница, како и на Брегалница кај месностите Ормански, Зрновски и Прибачевски Јаз, во близина на мостовите кај Виница и Грдовци и кај месностите Слатина, Оризарска Лака и Шакирски Јаз.