Македонија
22. November 2025 - 16:36

Водостоите на реките намалени, состојбата се стабилизира

Водата во поплавените региони да не се користи за пиење и готвење. Храната која била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми да се јаде. Малите деца да се хранат со индустриски подготвена храна.

Агенцијата за храна и ветеринарство со препораки за жителите на погодените региони.

-Доколку во регионите каде веќе има излевање на реките и поплавување на домовите и земјоделските површини и водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, ако има видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, се до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна. Редовно да се одржува хигиената на рацете, пред се по контактот со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, по чистењето и пред подготовка на храна. Да се внимава и се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води, велат од АХВ.

Денеска ситуацијата низ државата е стабилна. Како што соопшти Центарот за управување со кризи, до 13 часот низ целата територија на државата нема излевање на реките и состојбата се стабилизира.

Во Ресен во сила е забрана за користење на водата. Од Регионалниот Центар за управување со кризи велат дека водостоите на реките се намалени за половина, а во моментот се работи на расчистување на терен.

-Денес состојбата во Ресен и Преспа е стабилна. Моментално врнежи нема. Најави за врнежи за денес и утре пообилни немаме, за од вторник се очекува. Поради тоа и доброто време се користи и денеска се работи на сите критични места. Механизација и екипи на Јавните комунални претпријатија и на Македонијапат се на терен цел ден. И ние како РЦУК Ресен бевме на терен, ја согледавме состојбата како е. За разлика од вчера нивото на реките се на половина, водата се повлекува од дворовите на куќите, патиштата се проодни и веќе ја немаме таа сцена што ја имавме вчера, вели Емил Хамза Шериф од РЦУК Ресен.

Локалното население од вчера пријавува штети од поплавите. Надлежните се уште немаат точна слика колкави се штетите бидејќи проценките ќе се прават откако состојбата целосно ќе биде под контрола.

-Имаме поплавени домови,  имаме поплавени посеви, стопански објекти, нарушена инфраструктура, но за среќа во целата ситуација немаме ниту една човечка жртва вели градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

Локалното население преку социјалните мрежи се жали дека неисчистените речни корита се причините за поплавите кои го погодија регионот. Градоначалникот вели, акумулирани се повеќе проблеми.

-Ако е проблемот до речните корита, баш на местото кадешто е најголемата штета се чистени оваа пролет. Да, не можеме преку ноќ да ги чистиме бидејќи само Голема Река во цела должина е 7,5 километри. Но, постепено секоја година дел по дел ги чистиме. Во меѓувреме, имаме и узурпација на дел од речните корита, имаме затворени каналски системи, затворени одводни канали. И кога ќе ставиме се на еден куп, не велам дека сме успеале да ги исчистиме сите речни корита, но причината по мене е преоблиниот дожд којшто три дена контиунирано врнеше, вели градоначаникот Тозиевски.

Во изминатото деноноќие, проблем со поплави и излевање на реките имаше кај Битола, Демир Хисар, Охрид, Куманово, Скопје и Струмица.

Од управата за хидрометеоролошки работи најавуваат локални повремени дождови и во текот на утрешниот ден.