Македонија
30. December 2015 - 8:46

Во Велес отворена изложба од Кичевската ликовна колонија 2015

Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена ликовна изложба на дела од 22. Интернационална Кичевска ликовна колонија 2015.

Од 50-тината создадени дела, во Велес се претставени 31 дело од 19 уметници од петнаесет држави во светот:Малезија,Турција,Северен Кипар,Германија,Казахстан,Русија,Црна Гора,АлбанијаКосово,Бугарија,Македонија и други земји.

Како што појасни Елица Николова директор на Народниот Музеј од Велес и промотор на изложбата, уметноста во овој случај делува како обединувач.

- Ја гради целината, ги надополнува етничките, географските, временските разлики, ги обединува преку меѓучовечките односи. Преку разликите уметникот ја осознава својата природа трагајќи по оригинален и автентичен израз, кој во мноштвото на слики е препознатлив, потенцира Николова.

Изложбата за отворена ја прогласи нејзиниот организатор и промотор Горан Доневски од Кичево.

Тој посочи дека Куќата на уметноста сместена во густа борова шума во село Кнежино Кичевско е многу интересна за уметниците кои сакаат да бидат дел од неа.

- Куќата на уметноста поседува над 800 уметнички слики, стотина акварели и осумдесетина скулптури изработени на оваа колонија во изминатите 22 години, информира Доневски.

Досега изложбата била претставена во Кичево,Скопје, Кавадарци и сега во Велес. Во новата година се планира да биде прикажана и во Куманово, Прилеп, Битола и други градови во земјава, како и да гостува во Софија.

Во Велес изложбата беше дел од завршните културни збиднувања во рамките на манифестацијата „Велес -Град на културата 2015“.