Македонија
4. October 2017 - 8:54

Во Велес концерт на дуото на пијано од Италија Марко Скиаво и Серџо Маркеџиани

На сцената на новиот театар во Велес синоќа концерт на пијано изведе  дуото од Италија, Марко Скиаво и Серџо Маркеџиани.
 
Тие во Велес настапија како дел од програмата на 26-от  Интернационален фестивал на класична музика ИНТЕРФЕСТ-Битола, кој започна завчеравечер под покровителство на Министерството за култура, а  кој веќе неколку години освен во Битола има и концерти во Скопје и други градови во земјава.
 
Пред велешката публика светски познатото пијано дуо настапи со дела од Јоханес Брамс: Унгарски Танци во кои публиката вистински уживаше  со виртуозната пијано изведба до совршенство  на двајцата светски познати пијанисти и ги награди со долг аплауз на бис. Потоа пијанистите, публиката ја наградија со изведба на композиција плус.
 
Серџо Маркеџани оцени  дека имале одлична публика,  одлична сала и одличен концерт со кој се  многу задоволни, а тоа го потврди и неговиот колега Марко Скиаво.
 
- Салата има одлична акустика и одлично е што  и во Македонија се градат сали според светски стандарди. Ние настапивме со  дела од Брамс, а  во договор со уметничкиот директор на ИНТЕРФЕСТ-Битола, Милица Шперовиќ Рибарски. Други пијанисти свират по пет-шест унгарски танци, но ние настапивме со комплетната верзија сите унгарски танци што се напишани од Брамс од еден до десет. Потоа го свиревме и вториот  дел од унгарски танци до 21, а кои се напишани 20 години подоцна, а со што  и публиката можеше да ја слушне  разликата и да направи компарација  помеѓу првите и вторите Унгарски танци од Брамс,појасни Маркеџани..
 
Дуото досега имало концерти во музичките центри: Карнеги Хол во Њујорк, Концертхаус и Музикферајн во Виена, Берлинската Филхармонија, Бетовеновата куќа во Бон,Дворжак Хол во Прага, Солис Театар во Монтевидео, како и познатите сали во Париз, Москва, Цирих, Сао Паоло, Вашингтон, Мексико Сити, Астана, Бангкок, Хон Конг, Сингапур и други. Во 2013 тие настапиле на реномираниот Равело фестивал изведувајќи го Моцартовиот концерт за две пијана, К.365.
 
Врвниот и светски познат Костадин Богдановски кој завчеравечер во Битола го отвори Интерфест, а кој синоќа ги проследи концертот  на своите колеги во неговиот  роден Велес даде одлични оценки за нивната изведба.
 
- Мислам дека Велес има потреба од многу нови културни збиднувања, а за тоа има услови и во оваа прекрасна сала за театар и концерти во новата театарска зграда, оцени виолинистот Богдановски.
 
Тој  петнаесетина години настапува како концерт мајстор во светски познатата  Опера во Барселона „Grand Teataro de Liceu“.
 
- Јас очекувам и понатаму културна соработка помеѓу Велес и Битола, а се надевам дека наскоро ќе настапам со свој концерт на виолина во оваа прекрасна сала во мојот роден Велес, најави Богдановски.
 
Милица Шперовиќ Рибарски уметничкиот директор на ИНТЕРФЕСТ-Битола, информира дека ИНТЕРФЕСТ- Битола веќе две-три години прави дисперзирани концерти и во други градови.
 
- Со тоа сакаме да и покажеме на цела Македонија, какви врвни уметници на класичната музика доаѓаат во Битола.Тие ќе отсвират  еден концерт и ќе се заминат, и затоа ние од ИНТЕФЕСТ одлучивме истиот тој концерт потоа да биде  изведен и во Скопје Велес и други градови во земјава и да го проследи  што повеќе публика,потенцира Шперовиќ Рибарски.