Македонија
4. May 2016 - 13:36

Во Тетово 46-ти државни натпревари на училишта од земјоделска, шумарска и ветеринарна струка

Во средното општинско земјоделско училиште „Моша Пијаде“ во Тетово денеска се одржаа 46 - тите државни натпревари на училиштата од земјоделската, шумарската и ветеринарна струка.

Целта на овие годишни натпревари е унапредување на наставата и практиката во овие струка, а учениците се натпреваруваа во шест дисциплини.

- Оваа манифестација многу ни значи бидејќи ќе ја прошириме соработката со училиштата каде има насоки од земјоделието и ветерината. На овој начин ние го имаме добиено петтиот степен од шумарско преработувачката струка. Во завршна фаза сме од изградбата на стакленик што е донација од Министерството за земјоделство што дополнително ќе ги унапреди можностите во оваа струка, изјави директорот на ОССУ„Моша Пијаде“ Тетово, Александар Бачевски.

Натпреварите на „Тракторијадата 2016-та“ ги отвори претседателот на невладиното здружение за заштита на интересите на училиштата од земјоделската, шумарската и ветеринарната струка, „Тера Фитон Анимал“, Горан Јовановиќ.

- Нашето здружение ги организира овие натпревари за да се промовираат овие струки со цел да се промовираат и да има поголем интерес од страна на учениците да се запишат на земјоделско ветеринарните насоки. Учениците се натпреваруваат во шест дисциплини - вешто возење и орање, калемење, препознавање на плевели и семиња, препознавање на органи и коски, органско производство и аранжирање на цвеќе, рече Јовановиќ.

Професорката од ОССУ„Моша Пијаде“ Тетово, Брунилда Кучи информира дека на оваа манифестација учествуваат 220 ученици.

- Се работи за државен натпревар  на кој присуствуваат ученици од средните училишта од повеќе градови од Македонија заедно со своите директори и ментори. Се надеваме дека ќе се постигнат многу позитивни резултати и учениците ќе научат нешто повеќе, рече таа.

Ова е единствена ваква манифестација меѓу средните училишта во Македонија. Учествуваа ученици од средни училишта од Скопје, Валандово, Струмица, Свети Николе, Ресен, Прилеп, Битола, Куманово, Кавадарци и Тетово.