Во струмичкиот затвор осудени лица добиваат можност да го завршат средното образование
Осудените лица кои издржуваат казна во струмичкиот затвор добиваат можност за нов почеток. 35 годишен осуденик од радовишко деновиве стана првиот кој доби свидетелство за завршена прва година средно стручно образование. Тој пред неколку месеци се вклучил во проектот на установата за дооформување на средното образование, а неговата желба е по издржувањето на 15-месечната затворска казна да го продолжи образованието и да се стекне со диплома за автомеханичар.
Новата можност осудените лица ја добиваат преку проект што струмичкиот затвор го реализира во соработка со Државното средно училиште Никола Карев кое воедно е и регионален центар за средно стручно образование. Наставата и целиот образовен процес се одвиваат со поддршка и менторство од професорите од училиштето.
За време на престојот во затвор, образованието е бесплатно, а можност за посетување настава и полагање имаат сите заинтересирани осудени лица кои немаат завршено средно образование.
Директорот на затворот вели дека покрај практичните програми, со овој проект на осудените лица им се отвора уште една можност за полесна ресоцијализација и интеграција по издржувањето на казната.
Затвор Струмица е установа од полуотворен тип и во неа се сместуваат лица осудени на казна затвор до три години. Во установата моментално казна издржуваат околу стотина лица, а близу 40 проценти од нив се работно ангажирани надвор од затворот.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар
