Во Струга промовиран проектот за енергетска ефикасност во Македонија
Општините играат значајна улога во промоција на енергетската ефикасност преку развивање и имплементирање на стратегии за нејзино подобрување во објектите, при што покрај финансиски заштеди се обезбедува и одржлив развој и намалување на влијанието врз животната средина.
Ова беше заклучокот од денешната работилница за споделување на резултатите и искуствата од проектот за „Промоција на енергетската ефикасност во Македонија“, организирана од Консалтинг за стратешки развој, во соработка со Светска банка и Агенцијата за енергетика на Република Македонија, што се одржа во Струга.
Со грант од Светска банка од 250.000 денари, осум општини во Македонија: Радовиш, Старо Нагоричане, Новаци, Кавадарци, Пехчево, Брвеница, Лозово и Росоман добија техничка помош за изработка на документи кои играат значајна улога за воведување на енергетската ефикасност во општините. Резултатите на проектот ќе служат и како ресурс за другите општини кои сакаат да инвестираат во мерки за енергетска ефикасност во општинските сектори.
Со реализација на проектот, според Здравко Стефановски проект менаџер, документација што досега ја изработуваа консултантски куќи, општините ќе можат сами да ја изработат. Проектот имаше изработка на методологија со тригодишна програма и изработка на обрасци за акциони планови.
- Сметаме дека проектот е доста успешен и некои од општините почнаа со имплементација на дел од она што го направивме. Изготвена е документација која ќе остане во Агенцијата за енергетика од каде сите општини можат да ја преземаат, истакна Стефановски.
Со ова, додаде, се зголемуваат капацитетите на општините по основ на тригодишните програми, акционите планови и извештаите согласно Законот за енергетика, што ги доставуваат до Агенцијата за енергетика.
- Работевме на три сектори за кои Светска банка сметаше дека се клучни за Македонија, тоа се објекти кои се од административен карактер и за кои општините одвојуваат средства, пумпни станици за водоснабдување и уличното осветлување. За тригодишни програми и акциони планови учествуваа една рурална и една градска општина, односно Старо Нагоричане и Радовиш, за административен објект избрана е Пехчево, за пумпни станици за водоснабдување Кавадарци, Неготино и Новаци, а за улично осветлување Росоман, Лозово и Брвеница, појасни Стефановски.
Агенцијата за енергетика на Република Македонија, според претставникот Панчо Атанасовски, активно учествува во имплементацијата на проектот бидејќи ја согледала користа за сите општини со кои е во директна соработка.
- Сега општините имаат можност да ги изработуваат програмите на ниво унифицирано за сите. Можеме да се пофалиме дека над 70 општини имаат тригодишни програми, акциски планови и годишни извештаи. Очекуваме наскоро да има 100 посто исполнетост и секоја општина да има квалитетни планови и локалната власт да може сама да следи како се имплементира енергетската ефикасност, а увид ќе има и државата, рече Атанасовски.
Тој истакна дена многу општини имаат применето енергетски ефикасни проекти и оти Македонија има богато искуство во локални проекти за заштита на животна средина.
- Градоначалниците гледаат и се натпреваруваат кој колку применил од мерките, прават енергетски ефикасни фасади на згради, училишта, амбуланти со што им го подобруваат животот на граѓаните, односно сите имаат придобивка од тоа, изјави Атанасовски.
Еден од поатрактивните за спроведување мерки за енергетска ефикасност, според консултантите на проектот, е секторот улично осветлување. Заштедите се проценуваат на 15 до 30 отсто, а некаде дури и до 50 проценти во зависност од обемот, типот и интензитетот на осветлување. Заради што општините често го избираат како приоритетен сектор за воведување мерки за енергетска ефикасност.
Ново на Сител
-
На граничниот премин Табановце се чека од 15 до 30 минути
-
Роналдо бара засилување од клубот
-
Пожарот околу Преспанско езеро е ставен под целосна контрола
-
Активни седум пожари, четири се под контрола, а пет се изгаснати
-
Анализи: Супербактериите би можеле да убијат милиони луѓе до 2050 година
-
Во Скопје, Велес, Кавадарци и Демир Капија измерени 41 степен, за утре се најавува температура до 42 степен
-
ДЗС: За 15 проценти помалку сместени ученици и студенти во интернатите и домовите
-
Две екипи на ТППЕ Куманово уште го гасат пожарот на улицата „Инудстриска“ во Куманово