Во стабилна состојба повредените од пожарот во Кочани
Во стабилна состојба се 173 пациенти повредени од пожарот во Кочани хоспитализирани во земјата и странство. Вчера на домашно лекување биле пуштени тројца, а исто толку ќе заминат дома во текот на утрешниот ден.
Министерот за здравство најави дека кај повредените ќе прават и токсиколошки анализи и список со токсиколози е доставен до сите здравствени установи каде има од повредените од трагедијата во Кочани.
- Сите пациенти кои што се лекуваат во државата и надвор од државата се во стабилна и добра состојба. Повеќето од нив се подобруваат. Од вкупно 20 што беа критични пациенти, денеска констатираме дека се десет потешки пациенти. Тоа што повторно и тие се стабилни надвор од животна опасност, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Колку ќе трае процесот на лекување кај повредените никој не знае и не може да се каже со сигурност. Специјалисти по пластична хирургија велат дека кај вакви изгореници, за текот на третманот може да направат проценка по седмиот ден.
- Се уште е рано да се прават проценки. Секако треба да се почека седмиот ден, но тоа не е строго определено бидејќи тие фази некогаш се преклопуваат, пролонгираат и тоа зависно од самиот организам, претходни болести, и возраста. Сепак, првичниот дел е 6 – 7 ден за втора проценка за да се види понатамошниот тек бидејќи се смета дека до седмиот ден е барем стабилизиран, вели проф. д-р Боро Џонов, пластичен хирург во Аџибадем Систина
Во странски медицински центри повредени има 30 во Србија од кои десет на ВМА, 15 во Бугарија, 12 во Грција , 9 во Турција како и во болници во Австрија, Словенија, Листванија, Велгија, Италија, Полска, Шведска, Турција и Норвешка.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар