Македонија
13. September 2021 - 15:24

Во среда конференција за Западен Балкан во Солун со учество на Димитров

Со учество на претставници од земјите од регионот, меѓу кои и заменик-претседателот на Владата на Македонија Никола Димитров, во среда, во Солун ќе се одржи специјална конференција за регионот „Западен Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“ во организација на алтернативниот шеф на грчката дипломатија надлежен за европски прашања Милтиадис Варвициотис, јави дописничката на МИА од Атина.

Настанот е во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, а на покана на Варвициотис ќе присуствуваат  заменик -претседателот на Владата на Македонија задолжен за европски прашања, заменик -министерот за надворешни работи на Србија, министрите за надворешни работи на Црна Гора и Албанија, вршителот на должноста заменик- министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Косово и заменик -министерот за надворешни работи на Словенија, како земја претседавач со ЕУ, а еврокомесарот за соседство и проширување ќе се обрати со снимена видео порака.

Состанокот ќе биде од затворен карактер, а настанот е на маргините на Меѓународниот саем во Солун.