Македонија
1. March 2016 - 16:22

Во скопската касарна „Илинден“ одбележан Денот на Полкот за специјални операции

По повод денот на Полкот за специјални операции (пСО) во касарната „Илинден“ во Скопје денеска се одржа воена свеченост со која се одбележаа 22 години од формирањето на најелитната единица на АРМ.

Во обраќањето на свеченоста министерот за одбрана Зоран Јолевски, нагласи дека од самиот почеток оваа единица постојано го оправдува своето име, претставувајки ја најелитната единица на Армијата на Република Македонија и со право претставува сининим за највисоки стремежи, највисоки стандарди и највисоки резултати. Тој го истакна и значењето кое оваа единица го има во денешните глобални предизвици при што, соопшти денеска МО, професионалноста и посветеноста ќе биде клучна за натамошното јакнење на капацитетите на АРМ.

Обраќајки се на припадниците на единицата командантот на пСО полковник Орце Јордев порача дека во ова време на предизвици интересите на единицата мора да бидат поважни од личните интереси со  цел исполнување на мисијата на единицата во изведување на специјални операции за одбрана на Република Македонија.

На свеченоста пртисуствуваа и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, и останатите генерали од АРМ, претставници од кабинетот на Претседателот на Република Македонија, претставници од Министерството за одбрана на Република Македонија и ГШ на АРМ, командантите на  потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, поранешни команданти на единицата, претставници од локалната самоуправа и други високи гости.

Одбележувањето на Денот на единицата,  заврши со свечено дефиле на единиците, по што се реализира методско-показна вежба „чистење на зграда„ каде припадниците на полкот ја покажаа својата обученост на комбинираната кула за извежбување, а потоа ги презентираа и боречките вештини со кои се препознатливи помеѓу останатите единици на АРМ.

На свеченоста по повод денот на единицата, се посочува во соопштението, беа прочитани стимулативни мерки за припадници на пСО за остварените резултати.

Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на пСО е одреден 1 март,  датум на кој  прв пат во Армијата на Република Македонија беше формирана Единица за Специјални намени под името „Волци“, а од ноември 2006 година извршено е преструктуирање на единицата во полк за Специјални Операции (пСО) во чиј состав влегуваат Баталјонот за специјални намени и Ренџерски баталјон.