Бизнис
9. February 2016 - 14:54

Во Радовиш „Отворени денови“ на Агенцијата за катастар и Имотно-правни работи

Агенцијата за катастар за недвижности и Управата за имотно -правни работи денеска и утре имаат отворени денови во Радовиш и Струмица, со цел граѓаните на лице место да се запознаат и да си ги решат проблемите од имотно-правен аспект.

Директорот на Управата за имотно-правни работи, Зоран Крстановски информира дека заедничките тимови на двете институции со граѓаните ќе работат од девет до 17 часот.

- Во однос на Одделението на Управата за имотно-правни работи во Радовиш, морам да напоменам дека во оваа одделение има во постапка за решавање околу 3.000 предмети за приватизација. Тоа се предмети кои што дел беа поднесени во оваа Одделение, меѓутоа има и предмети кои што одделението од Радовиш ги презеде од подрачните одделенија на Управата за имотно-правни работи од Кисела Вода и Штип, со цел да излезе во пресрет и на некој начин да помогне на тие одделенија, во однос на решавањето на тие предмети, рече Крстановски.

Тој нагласи дека одделението во Радовиш, е вклучено во проектот „Купи куќа, купи стан“, што значи дека сите млади лица, кои сакаат да бидат подетално информирани за условите можат да се обратат во ова подрачното одделение и да ги добијат сите потребни информации.

Крстановски забележа дека на иницијатива на градоначалникот на Општина Радовиш, Сашко Николов веќе се решава и проблемот со објектот на старата Стоковна куќа, која се наоѓа во централното градско подрачје.

- Се очекува во наредните десетина дена да се донесе и веќе одлуката за продажба, по што ќе следи и рокот во кој што сите заинтересирани лица ќе можат да се пријават на огласот, кој што ќе биде јавно објавен. Очекувам успешно завршување на таа постапка и Општина Радовиш да добие уште една значајна содржина во центарот на градот. Тој објект кој е руниниран да добие нова вредност, рече Крстановски.

Директорот на Агенцијата за катастар за недвижност, Славчо Трпевски истакна дека од септември кога се почнати заедничките „Отворени денови“ ги посетиле 7.000 граѓани.

- Одделението во Радовиш одлично си ја врши работата. Минатата година има примено нешто над 27.000 предмети и се решени во законскиот рок. Исто така и Одделението во Струмица одлично си ја врши работата, минатата година има примено над 57.000 предмети и сите се решени во законскиот рок. Во делот на легализацијата на дивите градби би сакал да кажам дека во Одделението во Радовиш веќе се регистрирани повеќе од 2.300 дивоградби, кои веќе се легални, а во Одделението во Струмица нешто над 6.600 дивоградби веќе се запишани, изјави Трпевски.

Тој посочи дека до денеска во земјава се легализирани 143.007 дивоградби, а за проектот „Купи куќа, купи стан“ Агенцијата за катастар за недвижности е вклучена со одредување на добри локации за изградба на типски куќи.

Градоначалникот на Општина Радовиш, Сашко Николов истакна дека општината како локација за изградба на типски куќи, за реализација на проектот „Купи куќа за млади“ ја има одредено и на неа ќе можат да се изградат од 400 до 500 типски куќи.

- Радовишани ќе можат подобро да ме разберат ако кажам дека локацијата е после Чамбе, значи односно границата на ДУПОТ и границата на селото Али Коч. Значи на тој потег Радовиш ќе добие атрактивна населба со површина од 16 хектари. Овој предлог од наша старна во текот на утрешниот ден ќе биде доставен до Министерството за транспорт и врски и очекувам да почне постапката за урбанизација и сите други активности, рече Николов.

Општина Радовиш очекува до крајот на годината веќе и да почне со постапката за продажба на градежните парцели во  новата населба.

Што се однесува за регистрите кои требаше да ги направи катастерот за недвижности, Трпевски информира дека досега е реализиран регистерот на цени и е пуштен во март минатата година.

- Сега активно работиме на регистерот за градежно земјиште и истиот е веќе готов. Во моментов се полни со податоци со сите донесени урбанистички планови кои ги има во електронска форма, рече Трпевски.

Апелираше до сите општини коишто поседуваат понови урбанистички планови во електронска форма, час поскоро да ги достават во катастерот, со цел да се внесат во тој регистер за градежно земјиште од кој бенефит ќе имаат сите. 

За адресниот регистер, Трпевски информираше дека Владата формирала група со цел најпрво да се донесат законски измени, а Катастерот веќе има и објавено оглас за софтверско решение за овој регистер, кој треба да профункционира најдоцна за две години.