Македонија
3. November 2016 - 14:46

Во Пробиштип јавна расправа за новиот ДУП за зимскиот центар Пониква

Во Општина Пробиштип денеска се одржа јавна расправа за новиот Детален урбанистички план (ДУП) во зимскиот туриски центар Пониква.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски вели дека новиот ДУП треба да се донесе, бидејќи во овој зимски туристички центар продадени се сите градежни парцели за изградба на викенд куќи, одмаралишта и  хотели, а кои се на територија на Пробиштип.

-Новиот ДУП ќе се простира на површина од 30 хектари и ќе овозможиме со овој нов план  дополнителен развој на Пониква. Таму има опфатено парцели за викенд куќи, за хотели, одмаралишта, спортски објекти и други намени. Со што мислиме дека сите заинтересирани во наредниот период ќе можат да си купат парцела и да изградат сопствен објект, а ние како локална самоуправа ќе се потрудиме да ги следиме со изградба на потребната инфраструктура, рече Тоневски.

Тој забележа дека во моментов општините Пробиштип и Кочани и Владата на Р.Македонија активно работат на изградба на нов водоводен и канализационен систем за цела територија на Пониква, а се планира и изградба на нови ски -жичари.

-Веќе имаме добиено донација топови за производство на вештачки снег. Направен е и систем за снабдување на овие топови. Осветлени се дел од патеките, купена е опрема која треба да ги опслужува постоечките патеки. Меѓутоа нашите планови се да продолжиме уште поактивно да направиме продолжување на постоечките патеки, како и изградба на нови скијачки терени со поголема должина и изградба на нови жичари, рече Тоневски.

На почетокот на наредната година се очекува да почне и изградбата на новиот пат од пробиштипското село Турско Рударе до Пониква, со што жителите од оваа општина но и од севереисточниот дел на Македонија ќе можат побрзо да пристигнат до  зимскиот туристички центар. Тоневски забележа дека тендерот за изградба на овој пат треба да се распише по одржувањето на Предвремените парламентарни избори, а оваа инвестиција се очекува да чини пет милиони евра.