Македонија
31. December 2017 - 16:32

Во Прилеп до темел изгоре елитниот Кафе-бар Галери хаус паб

Ноќва, за неполн половина час ништо не остана од елитното Кафуле Галери хаус паб, лоцирано во најстрогиот центар во Прилеп, откако истото, нешто околу 3.30 часот утринава било зафатено од силен пожар.

Огнената стихија предизвикала поголеми оштетувања и на околните објекти кои се збиени еден до друг.

Првичната штета се проценува на над 200.000 евра. Кафе-барот неодамна беше целосно реновиран. Според командирот на ТППЕ од Прилеп, Станко Колески, веднаш по дојавата, интервенирано е со две возила и четврица пожарникари, пришто пожарот и покрај огромната силина, бил локализиран за само дваесетина минути со што се спречила многу поголема катастрофа по однос на другите многубројни околни деловни објекти.

Во Кафе-бароот, кој работи до 1 часот по полноќ, немало гости.

Неофицијално, пожарот бил подметнат од извесно лице со иницијали Н.Т. кое претходно било забележано од чуварската служба како носи канта со непозната течност, која ја истурил, ја запалил и побегнал. Полицијата работи на расветлувањето на случајот.

Инаку, ова е втор угоститетски објект во Прилеп, кој во период од два месеци е опожарен до темел. Во ноември целосно изгоре и мини-ресторанот во Паркот на Револуцијата. Причините и за тој пожар, се уште не се познати.