Македонија
10. September 2024 - 16:40

Во петок средба Сиљановска - Радев во Софија

Под нотите на Верди во Софија, Силјановска и Радев ќе ги релаксираат односите меѓу двете земји. Првата средба на двајцата претседатели ќе биде во петок во свечената ложа на главната сала во Софија за време на гостувањето на македонската опера и Балет со поставката Набуко. Најавена е и можност за билатерална средба но за неа, до овој момент нема официјална потврда ниту од македонскиот ниту пак од кабинетот на бугарскиот претседател.

Ова ќе биде втор обид за средба меѓу двајцата претседатели откако двете претседателски агенди се разидоа по приемот кај папата на 24 мај во Ватикан

Средбата доаѓа во време на прилично заладени односи меѓу двете земји кои кулминираа со размена на серија изјави на највисоко ниво што резултираше со протестна нота која бугарското МНР и ја врачи на македонската амбасадорка во Софија.

Дека односите меѓу двете земји не се на посакуваното ниво денеска потврди и самата Претседателка при приемот на акредитивните писма од новиот бугарски амбасадор во земјава Желјазко Радуков

„Го цениме исклучително важниот и сложен процес на дијалог кој претполага зближување, градење и негување на пријателство, низ заемно почитување на две соседни европски држави и во оваа смисла, сметам дека почитувањето на достоинството, заложбите за европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси на двете земји“, рекла Претседателката Сиљановска на средбата на која бугарскиот амбасадор, се интересирал за изградбата на коридорот 8, проект кој Владата го спушти пониско меѓу своите приоритети.

Средбата Силјановска Радев доаѓа на нешто повеќе од 1 месец пред новите парламентарни избори во Бугарија. Македонската Влада веќе излезе со став дека нема намера да биде дел од предизборните кампањи кај соседот и побара од граѓаните да не подлегнуваат на провокации.