Македонија
1. November 2018 - 12:37

Во Охрид Меѓународна работилница посветена на реформи во правосудството

Темите на дискусија што се однесуваат на судството се посебен предизвик за Република Македонија не само како реформски процес во пристапувањето кон ЕУ и НАТО, туку и како насушна потреба на граѓаните за воспоставување независно судство, што ќе суди врз основа на законите, судство кое ќе ја врати вербата во правдата во Македонија и кое ќе овозможи остварување на човековите права, истакна министерката за правда Рената Дескоска во обраќањето пред учесниците на третата Меѓународна работилница што во организација на  Здружението на судии на Република Македонија и Амбасадата на САД се одржува во Охрид.

Дескоска потсети на активностите што ресорното Министерство за правда инклузивно со претставници на судската власт, судии и членови на други органи, како и на експертската фела ги спроведува во процесот на реформи на законската рамка како надлежност на извршната власт, но нагласувајќи дека најважната задача во реформите на судството сепак останува токму на самото судство.

-Ние можеме да создадеме идеален закон, но да имаме лоша имплементација. Некогаш и со не толку добар закон може да се извади добра пракса во имплемтирање на законските норми во корист на владеење на право, принцпиот на правда и правичност, почитување на човековите права. Во овој процес на реформи сме упатени едни на други. Не бегам од одговорноста на извршната власт, но сметам дека вашата улога е најзначајна во процесот на враќањето на достоинството на судската професија, рече таа.

По однос законските решенија што ги предлага Владата во процесот, Дескоска истакна дека во Охрид ќе се дебатира и по однос Законот за судови што веќе доби позитивна оценка, со одредени укажувања за подобрувања на текстот, во насока на максимално усогласен текст што ќе ги одрази целосно препораките на Венецијанската комисија.

-Клучна измена препорачана од Венецијанската комисија е прецизирање на основите што можат да водат до разрешување на судиите. Во оваа постапка правиме разграничување на она што значи нестручно и несовесно работење и го врзуваме со основите на вршење на професијата, додека согласно препораките потешката дициплинската повреда ја врзуваме со целокупната активност на судијата, дури и надвор од вршењето функција, се она што може да биде прашање на интегритет на самиот судија, појасни таа, најавувајќи забрзана динамика во усвојувањето на законските измени во Собранието.

Џон МекНил, постојаниот правен советник во Амбасадата на САД, пред учесниците на собирот ги истакна позитивните промени во општеството во Република Македонија, особено оние што се однесуваат на правосудниот систем во насока на негова транспарентност, правичност и вистински одраз на одредбите во Уставот.

-Работилницата е осмислена како места за конструктивен дијалог по однос состојбите во правосудството во РМ, со акцент на судската независност и градењето на довербата на јавноста и јакнење на транспарентноста во одлучувањето на судовите. Заедно се фокусираме не само на дискусија на проблемите, туку и во изнаоѓањето практични решенија, рече меѓу другото МекНил.

Актуелната позиција во која се наоѓа Македонија во моментот на прагот на пристапувањето кон НАТО и отворање на претпристапните преговори за членство во ЕУ, според МекНил ги детерминира насоките на кои се прават анализите за идниот тек на реформските процеси во судството.

-Сите дискусии и разговори во врска со правосудството не би можело да се анализираат и гледаат изолирано од тие два крупни чекори. Следните месеци ќе има експерти од ЕУ кои ќе вршат проценки дали Македонија е подготвена да навлезе во следна фаза од процесот на пристапувње кон ЕУ. И НАТО посочи јасно дека и нивениот приоритет број еден е да постои владеење на правото. Сите оценители посочија дека штом се реши проблемот околу името со Грција, најважниот критериум за прием е да се покаже подобрување на владеењето на правото и вистинска и реална судска независност, рече тој.

На дводневната конференција насловена „Ефективна иплементација на реформираниот концепт на Судскиот совет“ на која ќе се дискутира за клучните прашања поврзани со улогата и надлежностите на Судскиот совет, транспарентноста на судовите, улогата на Судско-медиумскиот совет и статусот на судиите, како и позитивните практики и искуства во Европската Унија и регионот на Западен Балкан, учествуваат повеќе од 80 судии, судски работници, правни експерти од Македонија, регионот и пошироко.