Македонија
19. July 2016 - 14:19

Во Новаци се организира обука за фотографирање на природни реткости

Општина Новаци почна еднонеделна обука за фотографирање на природните и историските патеки која се организира во рамки на проектот „Вклучување на уметноста – крстопати на природата и уметноста“.

Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски информира дека за школата во која има 30 учесници, ангажирани се четворица обучувачи, преведувач и организатор на школата и ќе се одржува до 24 јули.  

- Школата за фотографија се реализира во сораборка со грчката општина Алмопиа. Во претстојните седум дена ќе бидат посетени повеќе места од нашата општина, културни и природни убавини. Имаме гости и од Грција. Покрај оваа активност со проектот ќе се обележат туристички патеки, изработка на мобилна апликација за паметни телефони, реконструкција на црквата Св. Димитрија во Градешница, партерно уредување на рекреативното излетничко место Коњарка, деминирање на шумска патека и други активности, посочи Котевски.

На школата за фотографија учествуваат претставници на регистрирани фотографски студија или самостојни фотографи од двете држави, кои имаат искуство во фотографирање и посебно во делот на фотографирање културно-историско наследство и природни пејсажи.

Школата фотографија е една од многуте активности на општина Новаци во имплементацијата на проектот „Жива историја – жива природа 2“ финансиран од програмата на Инструментот за предпристапна помош, Програма за прекугранична соработка помеѓу Р. Македонија и Грција 2007-2013.