Македонија
22. January 2025 - 21:16

Во Македонија најчесто се гласа партиски и етнички

Гласање по етничка и по партиска линија. Ова е заклучкот од компаративното истражување што било спроведено изминативе месеци за тоа како гласаат македонските граѓани. Репер за изборното однесување биле последните парламентанри и претседателски избори. Најсилната поделба при гласањето е по етничката линија.

Речиси 41 отсто од испитаните Македонци кажале дека секогаш гласаат за иста партија, додека кај Албанците овој процент изнесува 32 отсто. Иако двете доминатни партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се смета дека имаат традиционално гласачако тело, сепак споредбата на изборите во 2020 и 2024 покажува дека гласачите на СДСМ се повеќе спремни да ја „казнат“ партијата која ја сметале за блиска. Нивни гласачи на последните избори гласале и за новоформираната ЗНАМ и за Левица. Оваа партија прибрала „незадоволни“ гласачи и од ВМРО-ДПМНЕ.

Во албанскиот блок, Алијансата на Таравари ги прибрала во најголем дел гласовите од претходниот опозициски блок што го водеше Села. Изет Меџити собрал гласови од ДУИ, иако партијата на Ахмети во најголем дел има стабилно гласачко тело.

Македонските граѓани се едни од најисполитизираните во Европа. Во партија членовуваат над 13 отсто од граѓаните, додека во државите на ЕУ овој процент е 5.

Ова го носи и следниот резултат - мнозинството граѓани одлуката за кого ќе гласаат веќе ја имаат донесено уште пред почетокот на кампањата. Третина од граѓаните велат дека гласаат за одредена партија поради програмата, втората третина пак, гласаат поради доверба во партиското раковдство. Но, 4.3 отсто велат дека својот глас го даваат поради лична добивка. 

Од тие што не гласаат над 36 отсто велат дека не се интересираат за политика, додека пак 30 отсто рекле дека не гласаат бидејќи „сите партии се исти“. Најмногу апситенти поради воие причини има кај најактивните граѓани од 25 до 45 години.

Истражувањето кое се спроведува во повеќе држави веќе 25 години за прв пат се прави кај нас и тоа од Инситутот за социолошки, политиколошко-правни истражувања со поддршка на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) и Програмата за поддршка на изборите во Македонија (ИФЕС). Испитувањето е направено теренски на репрезентативен примерок од 25 октомври до 4 декември.