Во Македонија има 350 бездомници, покажа попишувањето
Попишани се 350 бездомни лица во сместувачките центри и со тоа заврши пописот на оваа категорија граѓани. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека пописот ги потврдил нивните неофицијални информации.
„Пописот на бездомните лица е целосно завршен. Попишани се сите кои што се сместени во објектите, за кои што МТСП создаде услови заедно со Државниот завод за статистика. Првичната бројка е околу 350 лица, она што беше и таргетот и од нашите сознанија, почнувајќи од Визбегово, Чичино село, значи е завршен тој процес на попис”, вели Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.
Според министерката за труд, пописот е особено важен заради креирање на соодветни политики од областа на социјалната заштита на граѓаните. Реалните податоци, вели, се основа за решавање на проблемите за кои е надлежно ова министерство.
Во тек е и самопопишувањето на дијаспората. Според последните податоци досега се попишале речиси 144.000 лица. Дури една третина од нив, или 47.000 се од Швајцарија, околу 33.000 од Германија и над 20.000 од Италија. Самопопишувањето на дијаспората трае до 21 април.
А, за точно една недела ќе започне официјалниот дел од пописот. До тогаш треба да заврши попишувањето на одделните категории население, во кои покрај бездомните лица спаѓаат и затворениците, припадниците на Армијата кои се во мировни мисии и дипломатско-конзуларните претставници на земјава и нивните семејства.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
