Македонија
21. October 2015 - 10:39

Во Крива Паланка шеста форумска сесија од „Форуми во заедниците“

Во Крива Паланка синоќа се одржа шестата последователна сесија од буџетскиот форум кој општина Крива Паланка го спроведува во рамки на програмата „Форуми во заедницата“.

На сесијата градоначалникот и општинската администрација дадоа отчет за реализацијата на Буџетот за 2015 година, заклучно со 30 септември 2015 и за проектите што граѓаните ги избраа како најприоритетни за оваа буџетска година.
 
- На претходните пет форумски сесии кои се реализираа од ноември до декември 2014 година, граѓаните учествуваа во одредувањето на развојните приоритети на општината  кои станаа дел од буџетот на Крива Паланка за 2015 година. Над 85 отсто од предложените проекти и програми на паланчани од  „Буџетскиот форум“ се успешно завршени, дел се во фаза на реализација или се пролонгирани за следната, 2016-та година, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо  Алексовски.
 
Донесувањето на Буџетот за 2015 со партиципација на граѓаните од форумскиет сесии е добра практика, бидејќи граѓаните имаат активно учество во креирањето на политиките и програмите коишто во голем процент, над 85 отсто беа вградени во буџетот за тековната година, 2015.
 
- Ваквата пракса на донесување на буџетот ќе ја продолжиме и во 2016-та така што на сметка на основниот  буџет ќе органзиираме две форумски сесии на почетокот и крајот на ноември годинава, информира Татјана Ѓоргиевска, раководител на Одделението за финансии при општина Крива Паланка.
 
Ѓоргиевска изрази надеж дека паланчани повторно масовно ќе присуствуваат на следните форумски сесии и ќе учествуваат во креирањето на буџетот за претстојната година.
 
- Буџетот се донесува во консултација со граѓаните и општинската администрација, но пред се согласно насоките на Владата како параметри кои се важни за креирање на еден општински буџет-додаде Ѓоргиевска.
 
Сесиите од програмата „Форуми во заедницата“ се во организација на Единицата за координација на форумите при локалната самоуправа на Крива Паланка со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, под мотото „Граѓаните одлучуваат“.
 
Вкупно 424 кривопаланчани од сите возрасти и од различни профили земаа активно учество во петте буџетски сесии и интензивно дискутираа за своите и туѓите идеи со цел најрационално искористување на расположливите средства и обезбедување на едно попријатно место за живеење.
 
Ваквиот модел познат како Граѓански буџет се реализира прв пат во локалната самоуправа на Крива Паланка, а од општината најавија дека во иднина ќе се организира општински форум за партиципативно учество на граѓаните при донесувањето на буџетот за следната година.