Македонија
12. July 2016 - 13:32

Во Карпош целосно пробиена улицата „Борка Талески“

По решавањето на имотно-правните работи, општина Карпош го затвори петгодишниот инфраструктурен проблем, кој го имаа жителите на урбаната заедница „Владо Тасевски“. Се работи за изведување на нова улица по што, во цела должина ќе се асфалтира улицата „Борка Талески“.

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски, изврши увид во градежните активности.

- Со пробивање на улицата „Борка Талески“ и поставување на атмосферска канализација, конечно затворивме еден голем проблем од инфраструктурен карактер. Целата инвестиција ја чинеше локалната самоуправа, околу 9 милиони и 500 илјади денари, а со оваа интервенција, се намалува сообраќајниот метеж во овој реон, истакна првиот човек на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Тој потсети дека локалната самоуправа, за сите реконтруирани улици во оваа урбана заедница, издвоила околу 80 милиони денари, а заедно со двата нови плоштади на Млечен ресторан и кај Педагошка академија, вкупната инвестиција ја чини општина Карпош околу 120 милиони денари.

- Со финиширање на капиталната улица „Дрезденска“ и поставување нова фекална и атмосферка канализација, како и со целосно реконструираната улица „Ристо Равановски“, ги решивме сите проблематични точки во оваа урбана заедница, додаде Јакимовски.