Свет
5. April 2021 - 10:03

Во Индија рекордни повеќе од 100.000 новозаразени со коронавирус

Индија денеска регистрира рекорден број на заразени со коронавирусот со што стана втора земја по САД која пријавила повеќе од 100.000 новозаразени на ден, додека болниците во најтешко погодената држава Махараштра се преполни.

Дневниот број на заразени се зголеми за околу 12 пати, по неколку месеци пад до почетокот на февруари, кога властите ги ублажија повеќето ограничувања и луѓето во голема мера престанаа да носат маски и да внимаваат на физичкото растојание.

Според некои епидемиолози, зголемувањето на бројот на заразени лица во голема мера се должи и на позаразните мутации на вирусот.

Со 103.558 новозаразени, во Индија од почетокот на пандемијата се регистрирани вкупно 12,6 милиони случаи, најмногу по САД и Бразил, покажуваат податоците на Министерството за здравство.

Индија минатата недела регистрираше најмногу заразени во целиот свет.

Бројот на починати се зголеми за 478, што сè уште една од најниските стапки на смртност во светот, и се искачи на вкупно 165.101 лице кои починаа од коронавирусот од почетокот на пандемијата.

Најтешко погодената индиска држава Махараштра регистрира рекордни 57.074 нови случаи во текот на ноќта. Државата вечерва ќе почне со затворање на трговски центри, кина, барови, ресторани и верски објекти.

Властите ќе воведат целосно затворање за време на викенд, бидејќи експертите се загрижени поради недостигот на кревети во одделите за интензивна нега, особено во помалите градови.