Македонија
1. July 2017 - 13:28

Во гимназиите во Дебарско во прва година запишани само 50 ученици

Во првиот усписен рок во трите гимназии во Дебар, Центар Жупа и Ростуше од предвидените 544, пополнети се само 50 ученички места.

Во дебарската гимназија „Здравко Чочковски“ според претседателката на комисијата за прием на ученици Семије Баланца, во првото пријавување од предвидените 340, пополнети се само околу 8 отсто од нив.

- Во нашата гимназија запишани се 26 ученици, 13 за настава на македонски и исто толку на албански наставен јазик. Тоа значи дека за второто пријавување во рамки на јунскиот уписен рок има 123 слободни места за настава на македонски и 191 слободно место за албански наставен јазик, вели Баланца.

Во гимназијата „Маврово и Ростуше“ во Ростуше има уште 82 слободни места за второто пријавување.

- Со Конкурсот на Министертвото за образование и наука, во нашата гимназија предвидени се три паралелки со вкупно 102 ученика, сите со настава на македонски наставен јазик. Во првото пријавување запишани се 20 ученици, изјави Бошко Божиновски, претседател на комисијата за прием во оваа средношколска установа.

Најмал број запишани ученици има во гимназијата „АТА“ во Центар Жупа. Според директорот Аќиф Селман, запишани се само четворица ученици, двајца со настава на македонски (предвидени 34) и двајца на турски наставен јазик (предвидени 68).

Од управите на училиштата очекуваат во согласност со Министерството за образование и наука за второто пријавување во јунскиот уписен рок намалување на потребните минимум поени потребни за упис.