Македонија
11. August 2019 - 10:20

Во Дебарско почна одбележувањето на празникот Курбан Бајрам

Со утринскиот сабах намаз и клањањето на бајрамскиот намаз, во четириесетината џамии во дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, почна одбележувањето на големиот муслимански празник Курбан Бајрам.

Главната празнична церемонија се одржа во новата Саат Кула џамија во Дебар, каде сабах намаз и бајрам намаз клањаше имамот Роил Крифца.

Верниците, мажи, по традиција, по намазот, ги посетија вечните почивалишта на нивните најблиски, по што, до пладне одат во посета на роднини и пријатели, а по семејниот ручек, тоа го прават жените. Семејниот ручек неизоставно е збогатен со баклава или познатото дебарско шеќерпаре.

Раздвиженоста е многу поголема бидејќи во родниот крај се повеќе од 10.000 печалбари, кои го зголемија прометот во трговската мрежа, но и продажбата на добиток за курбан.

Така, за овој празник според сточарите во трите општини продадени се повеќе од 2.500 грла овни и помал број телиња. Претпладнево голем број семејства од поширокото дебарско подрачје принесуваат курбан, по што местото се распределува на посиромашни семејства.

Овој празник уште се нарекува и Аџи Бајрам, бидејќи во светите места Мека и Медина се реализира и петтиот столб од исламот – аџилакот. Од дебарското муфтиство, годинава на аџилак се 36 верници.

По традиција денеска и во наредните три дена покрај меѓусебната посета на верниците од исламска религија, нивни гости ќе бидат и оние од православна вероисповед, како што тоа во овие краишта е со векови.

Дебарскиот муфтија Хаџи Рамазан Ефеди Хаса и градоначалниците на Дебар, Хекуран Дука , на Маврово и Ростуше, Медат Куртовски и на Центар Жупа, Аријан Ибраим, по повод празникот упатија честитки со желби за добро здравје, мир, разбирање, благосостојба и продолжување на вековната верска толеранција и соживот по кои е препознатлив овој крај.