Во Битола зголемен интерес за вакцинација
За 50% е зголемен интересот за вакцинација во вакциналниот пункт во Битола откако Владата ги донесе новите рестриктивни мерки. Во редицата пред пунктот во Битола имаше граѓани кои дошле да се вакцинираат заради здравјето и лична заштина, но и заради новите мерки.
-Заради здравјето. Заради мерките. Лично за мене, не заради мерките, велат анкетираните граѓани.
Во текот на вчерашниот ден со прва доза биле вакцинирани вкупно 412 лица, додека вкупно заедно со ревакцините и теренската вакцинација биле вакцинирани 647 граѓани.
-Откако Владата ги донесе рестриктивните мерки бројот на граѓани кои доаѓаат за прва доза е зголемен. Претходно доаѓаа од 200-300 граѓани за примодози во деновите пред рестриктивните мерки, сега идат близу 600 граѓани во денот. За 50% би дошло зголемувањето, изјави д-р Олгица Јакимовска, одговорно лице на смена во вакциналниот пункт Битола.
Од вакциналниот пункт велат дека и покрај зголемениот интерес кај граѓаните, досега немале проблеми.
-Генерално не. Си чекаат, можеби има некои побуни, но знаат дека се без термин, дека сите ќе поминат, генерално немаме поголеми проблеми. Имаат некои преференци за вакцината, но сепак гледаме да дадеме вакцина најсоодветна на пациентот, вели д-р Јакимовска.
Инаку Битола е еден од градовите со најголем интерес за вакцинација.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
