Македонија
17. March 2016 - 14:33

Во Битола се одржа работилница за новинари на тема „Јавноста во кривичната постапка“

Здружението на новинарите на Македонија-ЗНМ и здружението на граѓани „Сведок“ денеска во Битола организираа работилница за новинари на тема „Јавноста во кривичната постапка“.

Во воведното излагање на работилницата Милка Бизеска, судија и портпарол на Основен Суд-Битола истакна дека за присуството на медиумите во судски процеси има постапка уредена со судскиот Деловник, а дозвола за снимање со Решение дава Врховниот суд, кој определува кои делови може да се снимаат.

- Судијата има право да каже дека одредени делови не може да се снимаат, и ако оцени, да ја исклучи јавноста. За присуство на медиумите има позната постапка уредена со судскиот Деловник, дозвола за снимање со Решение дава Врховниот суд кој определува кои делови може да се снимаат. Судијата може да донесе одлука дали може да биде сниман иако тоа некому може да пречи, а некому не. Моето лично искуство од досегашната пракса е позитивно во однос на контактите со новинарите, субјективни пречки кај судиите не постојат, а објективните пречки поврзани со просторот постојат и во Основен Суд-Битола бидејќи ние имаме само една голема судница во која може да присуствуваат 50 луѓе и тоа не е вина на Судот во однос на бројот на присутни заинтересирани лица и новинари. Генерално мислам дека станавме транспарентни и отворени, имаме Канцеларија за односи со јавност и веб страница на која секојдневно даваме информации за сите случувања во Судот, нагласи судијата Бизеска.

Според Насер Селмани, претседател на ЗНМ, работилницата ќе придонесе за подобра информираност на новинарите, односно известувајќи за одредени настани да не направат грешка заради непознавање на одредени законски прописи и регулативи од темата чиј фокус беше јавноста во кривичната постапка. Додека пак според Саше Димовски од здружението на граѓани „Сведок“ има серија постапки од кои јавноста намерно или ненамерно се исклучува и затоа новинарите треба да ги познаваат прописите и правата кои ги уживаат за правилно информирање од настани што се во надележност на судството.

На битолските новинари за време на работилницата им беа подарени книгите „Јавност во кривичната постапка“ и „Заштитениот сведок како инструмент во македонскиот правен систем“.