Балкан
1. January 2023 - 10:36

Во Албанија женско е првото бебе во новата година

Првороденото бебе во Албанија е женско, кое на свет е донесено во првите секунди од новата година во гинеколошко-акушерката клинка „Кралица Гералдина” во Тирана.

Веста пола час по полноќ ја објави премиерот Еди Рама.

-Добредојде Промиса. Првото бебе во 2023 година е девојче, кое се роди здраво во клиниката „Кралица Гералдина”, кога часовникот отчука 24:00 часот. Во првата минута од новата година се роди здраво момче, во клиниката „Кочо Глиожени”. Бидете среќни и долговечни, напиша Рама во објава на Фејсбук, каде постира фотографија од малата Промиса.

Во споменатите гинеколошко-акушерки клиники во Тирана беа првородените бебиња во земјата и минатата година. Тогаш во првата минута од новата 2022 година во двете установи беа родени машки бебиња.

Од јануари 2019 година владата доделува „бебешки бонус” на секое новороденче, независно од тоа дали нивните родители живеат во Албанија или во странство, но треба да биде запишано во матичната книга на родени.

За првороденче во семејството еднократниот паричен надоместок изнесува 40 илјади леки, 80 илјади за второ родено и за трето и секое следно родено дете во семејството 120 илјади леки. Доколку се близнаци или тројка секое од бебињата добива по ист износ. Чекот родителите го добиваат во породилиштето, заедно со извод од матичната книга на родени.

Во изминатите четири години, бонус добиле околу 152.000 деца, при што според медиумите, само околу 30 отсто од новороденчињата на свет дошле во матичната земја. Исплатата на ова право, како што најави Рама продолжува и годинава.