Македонија
28. May 2024 - 16:50

Внатрепартиски избори во СДСМ на 30 јуни: Кој ќе влезе во трката за претседателското место?

Внатрепартиски избори во СДСМ на последниот ден од месец јуни. Ваква одлука донесе Извршниот одбор на партијата на состанокот, по оставката на досегашниот претседател и екс премиер Димитар Ковачевски. 

Ковачевски официјално за Сител потврди дека нема по вторпат да ја бара довербата од членовите, за да раководи со партијата. За разлика од него Јован Деспотовски во Тема на денот обелодени дека има тим и веќе подготвува програма. 

Досегашната прва жена на одбраната, Славјанка Петровска не ги крие амбициите и кажа дека сериозно размислува да достави кандидатура. 

- Јас сум социјалдемократ и по убедување и по начинот на кој се однесувам и дејствувам и тоа и понатаму ќе биде темелот на моето дејствување и во иднина, изјави Петровска. 

Првиот човек на Царина, Стефан Богоев се уште размислува дали да влезе во трката. 

Отворена можност за доставување на кандидатура оставаат и досегашниот вицепремиер Фатмир Битиќи и екс градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. 

Високи извори од СДСМ за Сител брифираат дека во претседателската трка ќе влезат и неврохирургот кој ја регулираше ковид кризата во Македонија - Венко Филипче, но и Оливер Спасовски, кој кариерата како министер за внатрешни работи ја заврши со пасошка криза. 

Гласањето ќе се одвива исто како и минатиот пат, по пат на активна регистрација. Сите коишто ќе сакаат да гласаат ќе треба прво да се пријават. Пред одржување на внатрепартиските избори во СДСМ, најавен е и Отчетен Конгрес на кој ќе се ревидираат досегашните одлуки и постапки во партијата, но ќе се кројат и политиките со кои ќе настапуваат нивните пратеници, вкупно 18 на број, во законодавниот дом. 

Реформите кај социјалдемократите доаѓаат по катастрофалниот пораз којшто го имаа на парламентарните и претседателските избори кои се одржаа на 8. мај.